Директорот на полицијата, Драган Васиљевиќ, изјави дека во инцидентите кои се случиле во центарот на Белград се приведени „повеќе десетици хулигани“, како и дека при интервенцијата се повредени шест полицајци и двајца граѓани. На прес-конференција, Васиљевиќ изјави дека тие сè уште се наоѓаат во Ургентниот центар и дека нивото на нивните повреди сè уште не е утврдено.

Студентите во блокада пак преку Твитер порачаа:
„Властите имаа на располагање сите механизми и доволно време да ги исполнат барањата и да ја спречат ескалацијата. Наместо тоа, се одлучија за насилство и репресија врз граѓаните. Секоја радикализација на ситуацијата е нивна одговорност.“
Претходно, тие објавија на истиот профил дека бил нападнат студент од Биолошкиот факултет, како и многу други граѓани.

„Нè загрижува тоа што некои од повредените студенти биле спречени да стигнат до привремената болница на Педагошкиот факултет. Бараме од полицијата веднаш и без одложување да ги пушти сите студенти на Педагошкиот факултет“, напишаа студентите.
Тие додадоа дека неправдата не се простува.
„Нападот врз еден е напад врз сите нас. Вечерва сме сите заедно. И се чуваме едни со други. Ситуацијата ескалираше. По седум месеци протести, прошетки, блокади – вечерва кулминираше. Сме на улиците. Студенти. Граѓани. Пријатели. Сестри и браќа“, наведоа.
Тие истакнаа дека затоа остануваат заедно.
„Не се напуштаме едни со други. Се чуваме. Не се повлекуваме. И нема да се изгубиме“, порачаа студентите.