Студентите кои ги блокираат универзитетите во Србија, им се заблагодарија на сите кои вчера беа на протестот на Славија и ги поддржаа. На социјалната мрежа „X“ испратија порака дека ова е само почеток и повикаа сите граѓани да останат со нив.
„Сакавме од срце да се заблагодариме на сите вас кои дојдовте и не поддржавте. Ви благодариме што се потрудивте да ни проследите важни информации и што избегнувавте судири. Ви благодариме што ни го чувате грбот, ќе го чуваме и ние вашиот“, напишаа тие.
Во објавата додаваат и дека заедно со собраните граѓани покажале колку се храбри, достојствени и солидарни.
„Останете со нас – само што почнавме!“, порачаа тие.
Мирниот протест на студентите, земјоделците и граѓаните се одржа на Славија во Белград, а целта беше да се привлече внимание на барањата упатение до властите, по повод падот на надстрешницата во Нови Сад на 1. ноември. Според процените на МВР, биле присутни околу 29.000 луѓе, иако таа бројка според некои проценки била далеку поголема и се движи меѓу 100.000 и 120.000 лица.
Протест се одржа и во Ниш, каде што покрај студентите се собраа и голем број граѓани. На почетокот, присутните ги поздравиле здравствените работници, а потоа сите заедно тргнале по улиците. Здравствените работници од Крагуевац, во знак на поддршка на студентите, но и на своите колеги во Белград, излегоа на раскрсницата кај Крстот.
На Славија, во 16:30 протестот започна со петнаесетминутна тишина, со која беше оддадена почит на настраданите на железничката станица во Нови Сад.
Како знак на поддршка на студентите, на протестот присуствуваа земјоделци, актери, родители и многу граѓани. Сите заедно побараа одговорност за трагедијата во Нови Сад и процесуирање на насилниците кои со недели провоцираат собирите на мирните блокади.