Студентите од Белград и Нови Сад блокираа неколку факултети и Ректоратот

Студенти од Белград и Нови Сад денес блокираа неколку факултети и Ректоратот, барајќи објавување на документација за реконструкција на железничката станица во Нови Сад и откривање на одговорните за нападот врз студентите.

Блокадите на Ректоратот на Белградскиот универзитет, Филолошкиот, Филозофскиот, Природно-математичкиот факултет (ПМФ) и Архитектонскиот факултет симболично почнаа во 11.52 часот кога и се случи несреќата на Железничката станица.

Во Нови Сад наместо Ректоратот, студентите ја блокираа зградата на Филозофскиот факултет.

На денешната блокада се приклучија и студентите на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) од Белград кои повторија дека ги имаат истите барања како и студентите кои ги блокираа зградите.

Тие бараат објавување на комплетната документација за реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, како и откривање на одговорните за нападот врз студентите на Факултетот за драмски уметности, како и зголемување на средствата за државните факултети за 20 проценти.

Меѓу барањата е и зголемување на процентот на финансирање од буџетот за образование, бидејќи тој не е променет од 2019 година.

Студентите бараат итно ослободување на сите граѓани кои беа приведени за време на ненасилните протести, како и повлекување на неоснованите пријави.

-Во борбата за исполнување на овие барања, денеска го блокираме Ректоратот, како и Филолошкиот, Филозофскиот и Природно-математичкиот факултет. Блокадите немаат намера никого да загрозат, ниту да предизвикаат материјална штета на објектите, се наведува во соопштението на организаторите на блокадите во Белград кои рекоа дека нема да даваат изјави за медиумите.

Најавија дека во секоја од блокираните згради ќе се одржи пленум на кој ќе присуствуваат студентите на тие факултети за да договорат за понатамошните планови, додека студентите од другите факултети ќе се состанат во Ректоратот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни