По неколку дена масовни протести во Србија, претседателот Александар Вучиќ остро се огласи против организаторите, особено обвинувајќи ги студентите и младите за дестабилизација на државата. Во говор од Палата Србија, Вучиќ изјави дека „државата е во голема опасност“, обвинувајќи ги демонстрантите дека под превезот на правдата и младинските идеали, „реално сакаат да ја укинат слободата, образованието и демократијата“.
„Сѐ започна со романтични приказни за нашите деца, студенти, иднината… а кој не би бил за тоа? Но, потоа видовме дека зад тие пароли не стои грижа за родителите, туку напад на државата и вредностите“, рече Вучиќ, потенцирајќи дека студентските простори се претвориле „во свињци“ и дека „се уништило образованието до темел“.
Во екот на протестите под мотото „Србија се умирити не може“, Вучиќ тврдеше дека протестите се организирани од надворешни фактори и се користат за укинување на слободата на движење, како и за политичка манипулација.
Тој директно ги нападна студентите, велејќи дека „често воопшто ги нема, туку има лажни ветерани“ и обвини дека образовните институции биле злоупотребени како центри за протест и деструкција.
„Почнаа да го укинуваат образованието и школството. Не формално, но суштински – да. Денес нашите деца учат и знаат многу помалку. И не ги разбирам родителите што го поддржаа тоа. Откако го уништија школството и образованието, го уништија до темел – факултетите ни ги претворија во легла и свињарници, со аплауз и вресок од сите сали и простории дека тоа е најубавата работа.
Изгледа дека универзитетите сме ги изградиле за да бидат свињарници, а не за да образуваат деца. Тоа е највисокото ниво на успех што сме го постигнале. И дај Боже некој да се осмели да каже нешто против тоа – веднаш ќе биде прогонуван“, ги обвини Вучиќ студентите и демонстрантите.
„По Правниот факултет ширеа лаги за наводни напади, а всушност, се тепаа меѓу себе“, изјави претседателот, додавајќи дека државата трпела критики и обвинувања за „терор“, само затоа што се обидувала да воспостави ред.
Иако протестите почнаа со барања за правда за жртвите од неодамнешни трагедии, Вучиќ оцени дека тие се инструментализирани за политички цели, а младите биле искористени како симбол за нешто што, според него, нема врска со вистинска правда.
Протестите кои избувнаа низ Србија инаку се директна последица на трагичниот пад на надстрешницата на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица.
Настанот ја потресе јавноста и ја разоткри длабоката криза во институциите задолжени за безбедност, инфраструктура и одговорност. Граѓаните, особено младите и студентите, излегоа на улиците барајќи правда за жртвите и одговорност од сите инволвирани. Обвиненија беа подигнати против 13 лица, меѓу кои и високи функционери и изведувачи на проектот.
Сепак, јавноста остана незадоволна од бавноста на правосудниот систем и недостатокот на транспарентност. Протестите прераснаа во пошироко движење против корупцијата, несоодветното управување и непочитувањето на животот на граѓаните.
Многумина ја гледаат трагедијата како симбол на распадот на институционалниот систем. Падот на надстрешницата стана капката која ја прелила чашата на долгогодишното незадоволство. Наместо да добијат одговори, граѓаните беа сведоци на прикривање, политички маневри и бегство од одговорност. Во ваков контекст, протестите не се само реакција, туку повик за длабоки промени,порачуваат студентите.