Колони од студенти, граѓани и велосипедисти од сите делови на Србија денес пристигнуваат кон Нови Сад, каде утре ќе се одржи комеморација во спомен на трагедијата на Железничката станица, во која животот го загубија 16 лица.
На патот кон градот, поворките поминаа низ бројни места каде што локалното население ги дочека со поддршка, транспаренти и громогласен аплауз. Во Сремски Карловци беа пречекани со огномет и транспарент со порака „Сремски Карловци се со студентите“, во атмосфера исполнета со емоции и солидарност.
„Ова е едно од најемотивните патувања во мојот живот. Во Змајево нè пречекаа пријателите на Вукашин со маици со неговиот лик, а во Степановиќево, семејствата на други жртви. Се потсетивме зошто чекориме… за достоинство и за вистина,“ изјави Мирко, студент од Филозофскиот факултет во Нови Сад.
Колоните од Суботица, Рума, Вршац, Нови Пазар и Белград се очекува вечерва да пристигнат во градот. На раскрсницата кај Булеварот на ослободувањето и Улицата на народниот фронт веќе се собираат граѓани, подготвени да ги поздрават.
Многумина кои им се приклучија на маршот велат дека овој настан не е крај, туку почеток на подолга борба за правда и промени.
„Не се обѕираме на политички пораки или изјави. Нашата цел е да се сеќаваме и да покажеме дека не сме заборавиле. Ова е борба за достоинство и за подобра иднина,“ изјави студентка од Електротехничкиот факултет.
Маршот трае веќе повеќе од две недели, а многумина од учесниците велат дека ќе го паметат како искуство што ги споило со непознати луѓе, но и со истата идеја – солидарност и отпор.
Комеморативниот собир во Нови Сад е закажан за сабота, 1 ноември, кога ќе се оддаде почит на загинатите, а според студентите, ќе се испрати и порака за промени и одговорност.
Извор: N1info.rs