Воочи годишнината од трагичниот пад на надстрешницата на студентскиот дом на 1 ноември, студентите од Белград повторно ќе тргнат пеш кон Нови Сад – во знак на протест, но и на упорност.
Овојпат, организаторите очекуваат најголем број учесници досега, па преку социјалните мрежи ги повикаа граѓаните од Инѓија и Стара Пазова да помогнат со сместување на „пешаците“ кои ќе ноќеваат на патот.
„Минатиот пат дел од нас спиевме на отворено. Сега не бараме ништо луксузно – само кров над глава, вреќа за спиење, топло ќебе или малку под што да се одмориме“, стои во пораката што ја објавија студентите преку профилот @studenti_u_blokadi
.
Организаторите нагласуваат дека маршот кон Нови Сад е мирен протест, симбол на солидарност и одговорност – и повикуваат сите кои можат да обезбедат помош, да се пријават.
Покрај апелот за преноќиште, студентите собираат и опрема за спиење – шатори, душеци и ќебиња, за сите кои немаат каде да престојат.
„Ова не е само марш – ова е начин да покажеме дека не сме рамнодушни. Ако не можеш да пешачиш, можеш да помогнеш“, порачаа тие.
Повикот веќе предизвикува голема реакција на социјалните мрежи, а многу граѓани од Инѓија и Стара Пазова веќе објавија дека ќе примат студенти во своите домови.
