Пленумот на студентите на Економскиот факултет во Крагуевац донесе одлука за целосна блокада на зградата на факултетот, во знак на протест против одлуката на Наставно-научниот совет од понеделник (12 мај) да започне со онлајн настава, што студентите ја оценуваат како „незаконита и противзаконска“.
Како што пренесе порталот Глас Шумадије, блокадата е воспоставена во петокот навечер и вклучува забрана за влез за сите вработени.
„Длабоко жалиме што државата нè доведе до точка на конфронтација – што се нарушени односите помеѓу студентите и професорите, и што режимот повторно се постави над законот, знаењето, дијалогот и академската заедница“, се наведува во соопштението на студентите.
Онлајн настава како форма без суштина
Покрај Економскиот факултет, онлајн настава од 12 мај ќе биде воведена и на Правниот факултет, Природно-математичкиот факултет и Факултетот за хотелиерство и туризам во Врњачка Бања.
Во заедничко соопштение на студентите од овие четири факултети, одлуката за онлајн настава е наречена „нож во грб на студентите кои се борат за исполнување на барањата и владеење на правото“.
Студентите предупредуваат дека онлајн наставата „ќе ја исполни формата, но не и суштината“ на академското образование.
„Формата значи дека платите на професорите ќе бидат исплатени, но без суштина – без квалитетно образование за кое сме се запишале“, велат тие.
Дополнително, студентите тврдат дека факултетите немаат соодветна акредитација за одржување на онлајн настава, што, според нив, ја прави оваа мерка неоснована и незаконска.
Студентите: Блокадата трае сè додека ние не одлучиме поинаку
„И покрај сите опструкции, притисоци и обиди блокадите да се прикажат како завршени или поразени, вистината е едноставна: блокадата не е завршена додека студентите не одлучат поинаку“, се порачува во соопштението.
Инаку, онлајн настава веќе е воведена на Факултетот за медицински науки, додека Наставно-научните совети на Факултетот за инженерски науки и Филолошко-уметничкиот факултет ја одбија таа одлука.