Студентите од завршните години на Филозофскиот факултет во Нови Сад подготвиле работилници и предавања со кои им нудат помош на своите соученици за време на протестните блокади на зградите на факултетот. Како што велат, тие откриле дека периодот на блокади е многу стресен за голем број студенти кои учествуваат во нив, пишува „Автономија“.
Дипломираниот психолог Тамара Плавшиќ, која е на мастер-студии по психологија, изјавила дека предавањето за стресот е едно од неколкуте програми кои ги подготвил креативниот тим на Филозофскиот факултет. По поддршката на колегите од многу факултети на Универзитетот во Нови Сад, сега пружаат поддршка и на средношколците кои влегле во блокади со своите училишта.
Последното предавање било организирано во Техничката школа „Милева Мариќ Ајнштајн“, во која учениците престојуваат од 20 јануари.
„Приметив дека им е потребна повеќе емотивна поддршка, па дојдовме да зборуваме за стресот и за некои техники кои можат да ги користат за да се соочат со него. Повеќе се фокусиравме на емотивната поддршка и на конкретните работи кои можат да ги направат во организацијата, отколку на нашата презентација“, изјавила Плавшиќ.
Како што кажала, целиот програм адаптиран за средношколците бил првично изработен во соработка со учениците од Гимназијата „Јован Јовановиќ Змај“, кои повеќе од 20 дена поминале во блокада на своето училиште.
Меѓутоа, додала Плавшиќ, не успеале да го реализираат таму, бидејќи блокадата била прекината.
Предавања биле одржани и во Карловачката гимназија и во други училишта, а комуникацијата била воспоставена и со наставниците, бидејќи, како што наведува Плавшиќ, и на нив им е потребна помош.
„Навикнавме на проблемите на студентите на факултетите кои подолго време се под стрес и им е потребна само емотивна поддршка. Меѓу учениците се појавуваат слични емоции – фрустрација, страв, бес, но има и интерни конфликти кои можеби се малку поинакви во споредба со факултетите затоа што тие се малку помлади“, изјавила Плавшиќ.