Денеска, 22 ноември 2025 година, во Галеријата на Академијата за ликовни уметности во Сараево, со почеток во 19 часот ќе биде отворена меѓународната изложба „4 Земји 4 Универзитети”. На изложбата ќе бидат изложени осумдесетина дела на хартија (графики, цртежи, колажи и плакати), а со свои дела учествуваат и 20-тина студенти од Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје.
Проектот е континуирана меѓународна соработка која во 2024 година беше претставена во Едрене, Турција (на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот во Тракија) и во Ниш (на Факултетот за уметности при Универзитетот во Ниш). Секоја година се прави нова, збогатена селекција на дела во согласност со локацијата и концептот на изложбата. Во 2026 година, овој проект ќе биде претставен и во Галеријата на ФЛУ во Скопје.
Учество на студентите на меѓународната изложба во АЛУ Сараево, како и присуството на делегација од четири члена од ФЛУ при УКИМ, е поддржано од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија. Покрај изложбата, посетата ќе биде искористена и за унапредување на интеринституционалната соработка, вклучувајќи потпишување договори за академска и уметничка размена, што ќе овозможи нови можности за споделување знаења, искуства и студентско вмрежување.
