Стразбур се подготвува за доаѓањето на српските студенти во потрага по правда

Главниот пречек ќе биде организиран на плоштадот Клебер, во близина на стразбурската катедрала. За сместување, заедницата се согласи дека е најдобро студентите да добијат приватност и удобност преку изнајмување Airbnb станови и хотелски соби. Направен е уникатен QR-код за донации и сите капацитети беа резервирани уште првата недела откако студентите го најавија патувањет

Студентите кои со велосипеди тргнаа од Србија кон Стразбур ќе пристигнат на својата крајна дестинација во понеделник, 15 април. Ова патување симболично ја претставува борбата за демократски вредности и гласот на младите низ Европа.

Во срцето на Европа, Стразбур – град познат по својата мултикултурност и како седиште на клучни европски институции, овие денови зрачи со посебна енергија. Локалната српска дијаспора, обединета во желбата да ја поддржи групата од 80 српски студенти кои тргнаа на велосипедско патување долго 1.300 километри од Нови Сад до Стразбур, покажува исклучителна солидарност и љубов кон татковината.

Студентите започнаа со патувањето на 3 април 2025 година, со цел да го свртат вниманието на европската јавност кон трагичниот настан што ја потресе Србија во ноември претходната година. Тогаш, по уривање на покривната конструкција на железничката станица во Нови Сад, животот го загубија 16 лица, меѓу кои и деца. За трагедијата многумина ја обвинуваат корупцијата и немарноста на надлежните институции, што предизвика бран од протести низ земјата кои траат веќе пет месеци.

Српската заедница во Стразбур уште од првиот ден се организираше преку WhatsApp групи за да им даде поддршка на овие храбри студенти. За само еден ден групата собра повеќе од сто лица, кои се поделија во помали тимови со конкретни задачи – изработка на транспаренти, подготовка на храна, контакт со медиуми, организирање на сместување и друго.

Главниот пречек ќе биде организиран на плоштадот Клебер, во близина на стразбурската катедрала. За сместување, заедницата се согласи дека е најдобро студентите да добијат приватност и удобност преку изнајмување Airbnb станови и хотелски соби. Направен е уникатен QR-код за донации и сите капацитети беа резервирани уште првата недела откако студентите го најавија патувањето.

Многумина од српската дијаспора работат во Советот на Европа, Европскиот суд за човекови права, Европскиот парламент и други институции. Некои од нив помогнаа студентите да добијат дополнително сместување во Младинскиот центар на Советот на Европа.

Сепак, времето за одмор е кратко, бидејќи веќе следниот ден, на 16 април, студентите ќе го направат она поради што и тргнале: ќе имаат прием во зградите на Советот на Европа и Европскиот парламент, каде ќе поднесат документација за кршење на човекови права во Србија. Мисијата е јасна – да се сврти вниманието на меѓународната заедница кон потребата за правда и одговорност.

„Иако сме физички далеку од Србија, срцето ни е секогаш со нашиот народ. Ова е наш начин да ја покажеме солидарноста и поддршката кон младите кои се борат за правда и транспарентност,“ вели Маја Рајиќ, која живее во Стразбур повеќе од седум години.

Атмосферата е исполнета со емоции и гордост. Духот на заедништво и патриотизам што го покажаа и студентите и дијаспората ќе остави длабока трага – не само во срцата на присутните, туку и како пример на солидарност што ги надминува границите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни