Странски медиуми известуваат за протестот во Ниш: Десетици илјади луѓе бараат правда и подобра иднина

Ова е повик за будење да преминеме од апатија во акција, од тишина во бучна борба за подобра иднина… нашето ветување е дека никогаш нема да се откажеме!

Странските медиуми пишуваат дека десетици илјади луѓе им се придружиле на студентите кои протестираат во Србија на денешниот собир во Ниш против неправдата и корупцијата која ја гледаат во земјата.

„Студентите на универзитетите во оваа балканска земја, каде што повеќе од една деценија цврсто владее популистичка власт, одржуваат протести низ целата земја по катастрофалното урнување на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември, кога загинаа 15 луѓе, а критичарите за тоа ја обвинуваат корупцијата во власта“, пишува AP.

Практично секојдневните протести редовно собираат десетици илјади луѓе и „ја потресоа цврстата власт на претседателот Александар Вучиќ“, кој „протестите ги опиша како обид да биде тргнат од власт, што било оркестрирано од Западот“.

„Сакаме (државни) институции кои работат во интерес на сите нас, а не на наша штета“, велат студентите во соопштението што го пренесе агенцијата AP, како и дека тие „сакаат систем кој го цени знаењето и трудот, а не покорноста и молчењето“.

Демонстрантите од целата земја, пишува понатаму AP, се собраа во Ниш на денешниот собир кој ќе трае 18 часа. Студентите рекоа дека тој собир „е повик за будење да преминеме од апатија во акција, од тишина во бучна борба за подобра иднина… нашето ветување е дека никогаш нема да се откажеме!“.

AP пишува и дека „со својата одлучност, енергија и креативност, студентите добија широка поддршка меѓу граѓаните кои се во голема мера се разочарани од главните политичари и ја изгубиле надежта за промени“.

Србија формално е на пат кон членство во Европската унија, констатира AP, но додава дека „Вучиќ и неговата десничарска Српска напредна странка се обвинети дека од доаѓањето на власт го задушуваат демократските слободи и поттикнуваат широка корупција“.

Граѓаните на Ниш организираа буен пречек на студентите и учениците во петокот вечерта кога влегуваа во градот по неколкудневно пешачење во групи од различни правци, наведува AP.

„Тие студентски маршеви станаа движечка сила во руралните подрачја на Србија кои традиционално се провладини. Секаде каде што се појавија студентите, ги дочекуваа со храна и освежување, а многу од нив плачеа и ги бакнуваа“, се вели во текстот каде што се спомнува дека еден пензионер дојде од Белград и во Ниш рече за AP: „Тука има љубов, тука има радост, тука има сè. Тука е иднината“.

Агенцијата потсетува дека слични собири биле во Нови Сад и Крагујевац, а дека со нишкиот собир се одбележуваат четири месеци од кога на 1 ноември се сруши бетонската надстрешница на железничката станица во Нови Сад.

За протестот пишуваше и AFP
Илјадници демонстранти се собраа денес во Ниш, што е „нов чин на студентски протести кои траат од ноември и ја осудуваат корупцијата“, пишува денес француската новинска агенција Франс прес (AFP).

Граѓаните од рано утро поставиле тезги на улиците на градот, делеле храна и пијалаци на минувачите кои мавтаа со антикорупциски знамиња и транспаренти и дуваа во свирчиња и вувузели, пишува во текстот.

„Чекаме промена“, рекол за AFP Александар Аранѓеловиќ, 34-годишен адвокат од Ниш. „Се восхитуваме на оваа неверојатна енергија“, додал тој.

Движењето месеците наназад врши се поголем притисок на Владата на Србија и претседателот Александар Вучиќ, што доведе до оставка на премиерот Милош Вучевиќ во јануари.

Ројтерс: Студентите продолжуваат со секојдневни протести
„Како што многу Срби ја обвинија трагедијата за корупцијата која ја поврзуваат со деценијата власт на претседателот Александар Вучиќ, наставниците, земјоделците и другите работници им се придружија на протестите кои започнаа со студентска блокада на наставата на државните универзитети во декември“, пишува во текстот.

„Сакаме да имаме подобра држава, без корупција во која ќе се почитуваат образованите луѓе“, вели Ана, дваесетгодишна студентка по медицина која дошла во Ниш од Крагујевац.

„Владата соопшти дека ќе започне кампања против корупцијата, а исто така ги демантира наводите за корупција“, констатира Ројтерс.

Меѓутоа, студентите продолжуваат со секојдневни протести, барајќи властите да објават документи кои се однесуваат на надстрешницата на железничката станица и правда за одговорните. Тие исто така сакаат да се отфрлат обвинувањата против студентите кои протестираат и да се зголеми буџетот за високо образование, пишува Ројтерс.

Ова е повик за будење да преминеме од апатија во акција, од тишина во бучна борба за подобра иднина… нашето ветување е дека никогаш нема да се откажеме!

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни