Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, потврди дека Стојанче Јовановски ќе одговара за наведување на самоубиство, нанесување тешки телесни повреди и за загрозување на сигурноста на сопругата, која заедно со своето шестгодишно дете трагично починаа по пад од тераса на висококатница во скопски Карпош.
Тошковски посочи дека постои видеозапис кој покажува дека сопругот ја удирал жртвата истиот ден, околу 12 часот. Жртвата, како што рече министерот, претходно се откажала од пријава поради страв и притисок. „Немавме физички контакт со сопругот, туку недоразбирање. Не барам понатамошна полициска постапка“, стои во службената белешка на Ивана. Сепак, ќе се испитува дали ова било под принуда и закани од насилникот.
Јовановски е регистриран семеен насилник, дилер на дрога и сторител на десетина други кривични дела. Во изминатите две години бил под мерки на претпазливост, а против него биле поднесени десет кривични пријави поврзани со имотни деликти, насилен криминал и недозволена трговија со дрога.
Министерот Тошковски истакна дека новите законски овластувања на полицијата ѝ овозможуваат пошироки можности за постапување по службена должност, особено кога се констатираат видливи телесни повреди. „Во такви случаи жртвата нема да може да го повлече предметот, а Министерството ќе мора да продолжи со постапката“, рече тој.
Сепак, министерот предупреди дека ако жртвата повторно се повлече, институциите се соочуваат со сериозни предизвици во фазата на докажување на кривичното дело, поради што е неопходна координирана работа на центрите за социјална работа и сите институционални чинители, како и поголема јавна свест и охрабрување граѓаните да пријавуваат семејно насилство.
Министерството за социјална политика, демографија и млади веќе изврши вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјални работи Скопје за да утврди фактичката состојба и начинот на постапување на институцијата. Според првичните информации, починатата и Јовановски биле првпат евидентирани во Центарот на 7 октомври 2025 година, по барање на Основниот граѓански суд за постапување по тужба за развод на брак. Допис од Министерството за внатрешни работи е прифатен на 2 февруари 2026 година и се однесува на физички напад од декември 2025 година.
Инспекцискиот надзор е во тек, а Министерството најави транспарентно информирање на јавноста за наодите и понатамошните мерки.