Што треба да знаете за газираната вода ако ја пиете секој ден

Дознајте како редовната консумација на кисела вода влијае врз здравјето, кои се придобивките и можните недостатоци.

Киселата, односно газирана вода, за многумина е поинтересна од обичната вода и често се смета за поздрава алтернатива на засладените сокови и газираните пијалаци. Според пишувањата на Real Simple, редовната консумација најчесто не претставува ризик за здравјето, но постојат неколку аспекти што е добро да се земат предвид.

Газирана вода е вода во која е додаден јаглерод диоксид, а може да содржи и природно присутни или дополнително внесени минерали како калциум, магнезиум и натриум. Постојат обична, минерална и ароматизирана варијанта. Минералната вода содржи одредени количини минерали, но тие најчесто не се доволни за значително да придонесат кон дневниот внес, па не можат да ја заменат разновидната исхрана. Сепак, и газираната и негазираната вода подеднакво придонесуваат за хидратација.

Повеќето видови кисела вода не содржат калории, шеќери или адитиви, што ги прави безбеден избор за секојдневна употреба. Исклучок се некои ароматизирани верзии и тоници, кои може да содржат овошен сок или додаден шеќер, а со тоа и повеќе јаглехидрати.

Редовното пиење кисела вода може да помогне во одржување на доволен внес на течности, особено кај луѓе кои не сакаат обична вода. Мехурчињата создаваат чувство на освежување и ситост, што кај некои лица може да доведе до намален внес на храна. Одредени истражувања укажуваат дека карбонизацијата може благо да влијае врз искористувањето на глукозата и нивото на шеќер во крвта, но овие ефекти се мали и не можат да ја заменат балансираната исхрана и физичката активност.

Од друга страна, кај чувствителни лица киселата вода може да предизвика надуеност, гасови или влошување на горушица. Исто така, поради киселоста, може благо да ја нагризе забната глеѓ доколку се консумира во големи количини. Затоа се препорачува умереност и одржување на добра орална хигиена.

Генерално, киселата вода е безбедна и може да биде добар избор доколку сакате освежување без шеќер, но како и со сè, клучна е умереноста и внимателниот избор на производот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни