Ормутскиот теснец е еден од најзначајните нафтени коридори во светот и има исклучително геостратешко значење. Светската економија во голема мера зависи од протокот на нафта низ овој морски премин.
Теснецот се наоѓа меѓу Оман и Иран и го поврзува Персискиот Залив на север со Оманскиот Залив на југ и Арапското Море. На најтесниот дел е широк само 33 километри, додека самата пловна рута за бродови изнесува околу 3 километри.
Зошто е толку важен?
Низ Ормутскиот теснец поминува околу 20 проценти од вкупната светска потрошувачка на нафта. Според податоците на аналитичката компанија „Вортекса“, од почетокот на 2022 година до минатиот месец, низ теснецот дневно поминувале меѓу 17,8 и 20,8 милиони барели сурова нафта, кондензат и нафтени деривати.
Земјите-членки на ОПЕК – Саудиска Арабија, Иран, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Ирак – најголемиот дел од својата сурова нафта ја извезуваат токму преку овој правец, претежно кон азиските пазари. За безбедноста на поморската трговија во овој регион е задолжена Петтата флота на американската морнарица, со седиште во Бахреин.
Што би се случило доколку Иран го затвори теснецот?
Затворањето на Ормутскиот теснец би претставувало директен удар врз глобалната економија, со нагло зголемување на цените на нафтата и нов бран инфлација, како во САД, така и на светско ниво.
Но таквиот потег би бил и сериозен чин на економска самодеструкција за Иран. Иранската нафта, исто така, излегува на светските пазари преку истиот премин. Затворањето на теснецот би можело да предизвика интервенција од страна на арапските земји од Персискиот Залив, кои веќе остро реагираа на израелските напади и би можеле да преземат мерки за заштита на сопствените интереси.
Особено погодена би била Кина – втората најголема светска економија – која купува речиси 90 проценти од иранскиот извоз на нафта, и покрај меѓународните санкции.