Од денес, 4 јули во Сули-ан Факултетот за драмски уметности ќе постави пет дипломски театарски претстави во одличен амбиент во склоп на Скопско лето. Претставите ќе бидат поставени по следниот редослед: денес со почеток во 20: 30 часот ќе игра претставата „Вилицата на Ибен Мајерс“ која минатата недела имаше премиера во НОБ. Претставата е дипломска по театарска режија на Борис Василевски. Понатаму, на 5 јули ќе се игра претставата „Прст“,дипломска претстава по актерска игра со познавање на албански јазик. „Стари Фотографии“, дипломска претстава по актерска игра со познавање на турски јазик, ќе се игра на 6 јули. А на 10 и 11 јули ќе играат претставите „Прошетка низ шумата“, во режија на Кристијан Атанасов, дипломска претстава по театарска режија и „Shopping and fucking“, во режија на Шенај Мандак, дипломска претстава по театарска режија. Билетите за овие претстави чинат по 100 денари.
„Јас, лично, но и како декан на Факултетот за драмски уметности Скопје, сум пресреќен што претставите на нашите студенти се дел од програмата на Скопско лето и со тоа најголемиот дел од нив го започнуваат нивниот фестивалски живот. Мислам дека во спротивно би било поразително да овие претстави во кои е вложен голем труд, да не можат да и се претстават на публика и на овој начин. Истотака се радувам што дел од студентите ќе видат што значи адаптација на претстава во амбиентален простор и колку тоа може да биде од корист на самата претстава ако се искористи сиот капацитет на новиот простор, кој во дадениов случај е Сули Ан.
Претставите со кои ФДУ ќе се претстави на Скопско лето, сите се дипломски претстави на нашите студенти по актерска и гра и по театарска режија, и тоа и беше критериумот за избор на истите. Дури има и дипломски претстави кои не се вклучени, поради тоа што дел од екипата на тие претстави периодов имаат други ангажмани и не се во можност да ги одиграат претставите“, ги пренесува импресиите за Трн, Бесфорт Идризи, декан на Факултетот за драмски уметности.
Актерот и режисерот Бесфорт Идризи на јавноста и е најмногу познат по неговото последно режисерско остварување „Лагата“ која е на репертоар на Македонскиот народен театар“, работена по драма од Флоријан Зелер.
Трн: Колку овие претстави, кои што ќе бидат поставени, ги отсликуваат социјалните и општествените проблеми на младите луѓе во општеството? Колку успеваат да влијаат на колективната свест?
Бесфорт: Секако дека секоја од претставите обработува тема со која можат младите, но не само тие, туку гледачите од секоја возраст, да се поистоветат и да вооспостават комуникација со ликовите, состојбите, околкностите и проблемите кои се одвиваат на сцена. Секоја претстава треба да може да искомуницира со својата публика, во спротивно би дошле до прашањето за постоењето на театарот воопшто. Несакајќи да навлезам во секоја претстава засебно и да се осврнам на нив, зашто тоа сепак би го оставил публиката самата да го направи, би напоменал дека секоја од нив опфаќа различни теми, на кои авторските екипи им се осврнуваат со различен сензибилитет. А во дел од нив, дури и директно се посочува прстот кон одредени општествени појави од локални, но и од светскти размери.
Посебно за овие претстави е што доаѓаат од младите, од идните театарски дејци, и воедно се и производ на голем ентузијазам кој ретко се наоѓа кај постарите уметници, а тоа не може да не се забележи на сцена. Тоа е можеби и еден од најважните адути на студентските претстави со кои тие позитивно се издвојуваат дури и од најскапите продукции. Со ваквиот адут, сигурен сум дека публиката нема да остане рамнодушна и дека претставите ќе успеат да ги испровоцираат гледачите за одредени општествени прашања.
Трн: Каква е ситуацијата на факултетот за драмски уметности? Во класа колку излегуваат дипломирани актери? Колку од нив се мотивирани и покрај тоа што шансите за вработување им се мали?
Бесфорт: ФДУ не претставува некаков исклучок во однос на општата состојба на нашето образование. Додека во однос на кадрите кои ги произведуваме, секогаш водиме сметка да немаме хиперпродукција на кадри, и тоа не само во однос на актерите, туку воопшто. Токму затоа за голем дел од студиските програми кај нас можат да се запишат студенти еднаш на четири години. Тоа е случај со режисери (театарски и филмски), сниматели, монтажери, продуценти, драматурзи и актери (со познавање на албански и турски јазик). Единствен исклучок се актерите каде еднаш на четири години се паузира, односно три години примаме нови студенти, потоа една година паузираме. Во прилог на ова се секако и квотите кои ги одредуваме и кои најчесто се 10 студенти годишно, од кои не значи дека сите ќе дипломираат, па така честопати годишно произлегуваат и помалку од 10 професионалци. А што се однесува до вработувањата на новите кадри, тоа никако не е наша обврска како факултет. Ние не можеме да водиме грижа за тоа, затоа што тоа е вон нашиот домен. Ние можеме да водиме грижа за вработувањата во склоп на факултетот, во однос на подмладување на наставниот кадар, ангажирање на демонстратори, асистенти и сл. И тоа континуирано го правиме. Додека што се однесува до театрите и вработувањата, тие не само што се вон нашиот домен, туку сметам и дека не треба сите уметници да бидат вработени. Напротив, треба да се создадат услови за независна културна сцена. Да можат уметниците да преживеат и како слободни уметници, да не мора сите да бидат вработени. За жал, културната политика во земјава е таква што и уметниците ги третира како да се административен кадар. Како што еден писател не создава книжевни дела за плата, како што еден сликар не слика за плата, така и актерите, односно уметниците воопшто не треба секогаш да работат само за плата. Но, за да може да дојде до тоа, мора да има услови и културата воопшто да не е толку централизирана до степен да речиси единствен извор за црпење фондови да биде Министерството за култура, односно доколку еден актер не е вработен, да дојде до раб на егзистенција.
А што се однесува до мотивацијата, освен што тоа е прилично субјективна и индивидуална работа, сепак генерално постои одредена доза на апатија кај младите, кои најчесто својата иднина ја бараат надвор од нашава држава, не дека мислат дека таму некаде ги чека којзнае каква иднина, туку дека мислат дека овде немаат никаква. Ваквата состојба е веќе алармантна и час поскоро треба да се преземат конкретни мерки за да се промени оваа слика, за што се надевам дека властите и одговорните органи свесни се за оваа појава и дека ќе сторат нешто во однос на зачувување на нашиот млад кадар.
Трн: Колку е важен просторот и амбиентот за да се доживее претставата? Сули ан е едно место со душа и историска тежина. Колку е соодветен за претставите?
Бесфорт:Сули ан е навистина посебно место во градов каде традиционално од страна на Скопско лето се изведуваат претстави. Таму сите претстави добиваат поинаков карактер, а честопати дури и атмосферата која се создава во самиот простор, придонесува за претставите да бидат добијат дополнителна вредност, да добијат ново значење и/или толкување какво што го немале ниту во своите матични сцени. Претставите таму добиваат амбиентален карактер а некогаш дури и толку добро се вклупуваат во просторот што дури и наликуваат на site specific театар, како да се правени нарочно за тоа место. А згора на тоа, сигурен сум дека публиката покрај убавините на Сули ан, ќе ужива и во самата свежина која ја има внатре и покрај високите температури кои деновиве ги издржуваме.
Секако дека организаторите мораат да водат сметка и во случај на невреме, па доколку заврне како алтернативен простор понуден е МКЦ, но се надевам дека времето ќе биде на наша страна и нема да мора да ја променуваме локацијата.
Трн: Дали има голем интерес за упис на ФДУ, со оглед на фактот дека голем број дипломирани актери, режисери и друг вид театарски работници не можат да најдат работа по струка?
Бесфорт:Засега не можам ништо конкретно да кажам, затоа што приемните испити и пријавувањето на заинтересираните и потенцијални наши студенти ќе се случува при крај на август и почеток на септември, така што уште е рано. Но, гледајќи го трендот меѓу младите и начинот како размислуваат при избор на нивните професии, глобално се забележува пад на интересот за сметка на информатичките факултети. Тука секако допринесува и општата состојба со културата во нашава држава, како сектор кој е на прв удар при секоја криза. Тоа никако не може да помине незабележано од страна на идните студенти, кон кои ваквите политики имаат апсолутно негативен ефект.
Сепак, што се однесува до нас, ние преземавме неколку иницијативи и активности со цел да го промовираме факултетот меѓу средношколците, да ги информираме и да ги запознаеме со нашите студиски програми. Инаку, да придобијам од можноста, ќе напоменам дека оваа година на ФДУ ќе има конкурс за запишување на студенти по актерска игра и актерска игра со познавање на албански и на турски јазик.
Трн: Колку студентите ви се обраќаат за помош и по дипломирањето?Бесфорт: Наша цел и стремеж на факултетот е да успееме да ги оспособиме студентите за по дипломирањето да можат самите да се снајдат и без нашата помош. Но, тоа никако не значи дека ние ги забораваме и дека само ќе ги исфрлиме од факултет без воопшто да водиме сметка за нив. Сосема напротив, со голем дел од студентите продолжуваме да контактираме и по дипломирањето, ги задржуваме професионалните и колегијални контакти, па дури со дел од нив се спријателуваме и стануваме и другари. Навистина е големо задоволството, но истовремено и одговорноста да низ наши раце произлезат нашите нови колеги, со кои во иднина ќе треба заедно да работиме, да делиме сцена, да ни’ бидат партнери, да не’ режираат, да не’ снимаат, продуцираат, монтираат и тн. Кога водите грижа за нив, истовремено водите грижа и за себеси, но и воопшто за иднината на театрите и филмската индустрија во земјава. Така што имајќи ја сета оваа одговорност најпрво кон себеси, нашите контакти со студентите се и мора да бидат континуирани, без бариери и без дистанци во односот професор – студент. Овде вреди да се напомене дека нашиот факултет драстично се разликува од останатите особено по непосредниот однос кој се гради помеѓу студентите и професорите, кој произлегува и од самиот начин на студирање, кој е фокусиран кон индивидуалниот пристап на секој студент засебно