Еден од највлијателните музичари на нашето време, Sting, добитник на 17 Греми награди, го објави албумот „The Last Ship (Expanded Edition)“, проширена верзија на неговото високо ценето издание од 2013 година.
Албумот е достапен во дигитален формат, како и на двоен ЦД и двоен винил, а неговото објавување доаѓа во пресрет на најавената меѓународна турнеја на мјузиклот „The Last Ship“, во кој Sting повторно ќе ја толкува главната улога – ликот на Џеки Вајт.
Новата продукција на мјузиклот ќе има премиери следната година во Амстердам, Париз, Бризбејн, како и во престижната Metropolitan Opera House во Њујорк.
Проширеното издание вклучува пет нови песни, кои се додаваат на оригиналниот deluxe албум. Станува збор за композициите: „Island of Souls (2025)“, „Shipyard“ (со Joe Caffrey, Brian Johnson и Jo Lawry), „Ship of State“ (со Renée Fleming), „If You Ever See Me Talking to a Sailor“ (со Frances McNamee) и „O’Brien’s Hymn“.
Како целина, овие нови нумери ја нагласуваат трајната наративна сила на мјузиклот и длабоката лична поврзаност на Sting со темите на домот, заедницата и човечката отпорност.
„The Last Ship“ е инспириран од бродоградилиштата и работничката заедница во родниот град на Sting – Волсенд, во североисточна Англија. Делото ја истражува борбата на еден град со пропаѓањето на својата историска индустрија и социјалните последици од тој процес.
Мјузиклот својата премиера ја имаше на Бродвеј во 2014 година, беше номиниран за Tony Award за најдобра оригинална музика, а оттогаш е изведуван ширум светот, добивајќи високи пофалби од критиката.
„Буквално пораснав во сенката на бродоградилиштето“, изјави Sting. „Сонував да побегнам – и успеав. Но подоцна сфатив дека морам нешто да вратам. ‘The Last Ship’ е мој омаж на луѓето и местото што ме обликуваа“.
