Мачките имаат специфични нутритивни потреби и им е потребна добро избалансирана исхрана која најдобро се обезбедува со комплетна храна наменета токму за нив. Според британската организација за заштита на мачки Cats Protection, на мачките не треба да им се дава човечка храна, бидејќи голем дел од неа може да биде штетен и не ги содржи потребните хранливи материи за нивното здравје.
Иако на сопствениците им е тешко да одолеат и да не споделат залак од својата чинија, млечните производи како млеко и сирење можат да предизвикаат дигестивни проблеми, бидејќи повеќето мачки се нетолерантни на лактоза. Дури и производите без лактоза или растителните алтернативи може да содржат состојки што не се безбедни за нив.
Суровото месо, риба и јајца претставуваат ризик поради можни бактерии и паразити кои можат сериозно да го нарушат здравјето на мачката. Исто така, суровите коски носат опасност од гушење или затнување на дигестивниот систем.
Одредени видови овошје, како грозје, суво грозје и рибизли, можат да предизвикаат откажување на бубрезите, особено кај мачки кои веќе имаат хронични бубрежни заболувања. Авокадото, пак, содржи персин и има висока содржина на масти, што може да доведе до здравствени компликации доколку се консумира во поголеми количини.
Чоколадото, кафето и другите производи што содржат кофеин се особено опасни бидејќи содржат метилксантини – супстанции кои се токсични за мачките. Дури и мали количини можат да предизвикаат сериозни последици.
Најдобрата превенција е штетната храна да се чува надвор од дофат на мачката и да не ѝ се нуди човечка храна, без оглед на тоа колку таа покажува интерес. Со правилна и соодветна исхрана, сопствениците можат значително да придонесат за долг и здрав живот на своите миленици.