Американската сателитска компанија Starlink, во сопственост на Илон Маск, објави партнерство со Deutsche Telekom за заедничко лансирање на сателитска мобилна услуга во Европа. Според најавите, мрежата треба да почне со работа во 2028 година.
Новата услуга ќе овозможи мобилна комуникација во подрачја каде што изградбата на класична телекомуникациска инфраструктура е отежната – како што се планинските региони и зоните под заштита на природата.
Целта на проектот е проширување на мобилната покриеност без потреба од поставување базни станици, пренесува CNBC.
Ова ќе биде првата европска мобилна мрежа базирана на сателитите од втора генерација на Starlink, познати како V2.
Овие сателити овозможуваат директна широкопојасна комуникација со мобилни телефони, вклучително и пренос на податоци, гласовни повици и размена на пораки.
Новата генерација има значително подобрени перформанси – до 100 пати поголема густина на податоци по сателит, 16 пати повеќе антени и до 20 пати поголем капацитет за пренос во споредба со претходната генерација, пренесува WirtschaftsWoche.
Услугата ќе биде достапна во десет европски земји: Германија, Австрија, Полска, Унгарија, Чешка, Словачка, Грција, Хрватска, Црна Гора и Македонија.