„Станица Скопје 63“ изложба на фотографии од Сашо Димоски

Фотографската изложба на Сашо Димоски, насловена Станица Скопје ’63 ќе биде поставена во изложбениот простор на Културно информативниот центар на шеесетгодишнината од последниот трагичен земјотрес што го погодил овој град. Изложбата се состои од триесетина црно-бели фотографии на објекти (или простори), лесно препознатливи и парадигматски за денешно Скопје. Скопје, пак, некако судбински има долга, повторлива и мачна историја на катаклизмични настани – и оние предизвикани од природата (чуми, земјотреси и поплави), и оние предизвикани од човечка рака.

Иако оваа изложба е наменска, со неа авторот всушност ја продолжува својата долгогодишна творечка преокупација со просторите и објектите проектирани и изградени во периодот на социјализмот. Критиката на лошата (незаемна, насилна и безнадежна) љубовно-омразна врска меѓу политичарите (носителите на одлуки) и архитектите (идеалистички настроените градители) повторно се филтрира во секоја од овие фотографии, во секоја од овие (овојпат исклучиво скопски) приказни.

Сашо Димоски е роден во 1965 година во Охрид. Се занимава со фотографија и компјутерска графика. Дипломирал и магистрирал фотографија на Универзитетот ЕСРА, а работел во Македонската телевизија и пишувал за културните рубрики на „Утрински весник“ и магазинот „Глобус“. Од 2007 година бил и фотограф на археолошки истражувања, а свои фотографии и текстови објавувал и во електронското списание „Блесок“. Бил уредник на Галерија Блесок.

Изложбата ќе биде отворена до 15.08.2023 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни