Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници го осудува повторувачкото онлајн малтретирање од страна на Зоран Божиновски кој на 14.08.2025 година ја фотографирал новинарката на „Слободен печат“ Мирослава Симоновска додека седи на јавно место со две обвинителки.
Притоа на социјалните мрежи, на крајно недоличен и вулгарен начин истото лице ја клевети Симоновска дека „се пазарела со обвинителките“, а медиумот „Слободен печат“ го нарекува „подземно, милицајско-таблоидна новина“.
ССНМ смета дека станува збор за онлајн малтретирање, кое не е прво и коешто почна претходните неколку денови, по објавен напис на „Слободен печат“ кој потоа беше објавен и на Телма ТВ, а кој воопшто не е авторско дело на Мирослава Симоновска, но во објавите на Божиновски е напаѓана и деградирана, лажно посочувана како авторка на текстот, нарекувана кообвинителка, рекетарка, заедно со медиумот и со обвинителка во предметот.
Сметаме дека тенденцијата да се фотографираат новинари е со цел да се конструира лажен наратив во јавноста, да се предизвика чувство на нелагодност, демнење, сето тоа проследено со невистинити конструкции да се влијае врз нивната работа.
Потсетуваме дека Мирослава Симоновска беше следена и снимана на ист ваков начин во ноември 2024 година од непознато лице додека седи на маса со ќерката на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, по што снимките му беа дадени на тогашниот шеф на Вишото јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи од страна на лица задолжени за нејзино следење, за што во ОЈО Скопје има кривична пријава против НН службено лице за неовластено снимање поднесена од Симоновска. ОЈО Скопје го нема расчистено настанот, односно нема откриено кој е тој што неовластено ја снимал и следел Симоновска, иако снимањето се случи во истото кафуле на градскиот кеј, каде има многу камери. ССНМ бара итно и безусловно решавање на овој предмет и секое пролонгирање ќе го толкува како обид за заплашување на новинарите и дополнителен притисок врз нив, и нивната работа.