Сојузот на синдикати на Македонија најави протест со блокада пред Собранието на РепубликаМакедонија утре, 10 февруари 2026 година, со почеток во 9 часот, како форма на притисок за прифаќање на нивните барања за зголемување на минималната и на останатите плати.
Од ССМ информираат дека протестот е организиран врз основа на заедничка одлука на Претседателството и Советот на синдикатот и ќе се одржи согласно Законот за јавни собири. Блокадата е најавена пред Собранието, односно на улиците „11 Октомври“ и „Даме Груев“ во центарот на Скопје.
Синдикатот наведува дека пратениците подолг период не се изјаснуваат за нивниот предлог за зголемување на минималната плата, поради што, како што соопштуваат, работниците се принудени да излезат на протест. Клучното барање е минималната плата веднаш да се зголеми на 600 евра, додека останатите плати да пораснат за најмалку 6.000 денари или за износот што ќе произлезе од зголемувањето на минималната плата.
Во соопштението, ССМ посочува дека, според нив, постои значителна разлика меѓу растот на платите на функционерите и примањата на работниците. Синдикатот наведува дека платите на пратениците во изминатиот период се зголемиле за 79 проценти, а дополнително зголемување би можело да следи доколку Уставниот суд ја укине уредбата на Владата од минатата година и доколку се примени пресметката за растот на просечната плата за 2025 година.
ССМ, исто така, ги критикува привилегиите што, како што наведуваат, ги користат пратениците, вклучително и трошоците за исхрана и патување, кои, според синдикатот, не се системски обезбедени за работниците. Во таа насока, од ССМ најавуваат дека со блокадата ќе се обидат да ги оневозможат пратениците тој ден да ги користат патните трошоци, повикувајќи ги да дојдат пеш или со јавен превоз.
Покрај барањата за зголемување на платите, ССМ потсетува дека има поднесено и иницијатива за намалување на платите на избраните и именуваните лица преку промена на коефициентите и врзување на основицата со минималната плата. Доколку, како што наведуваат, пратениците и понатаму не се изјаснат по овие барања, синдикатот најавува собирање најмалку 10.000 потписи за законски измени.
Од ССМ информираат дека за време на протестот ќе биде овозможено непречено движење за Итната медицинска помош, Противпожарната бригада и полицијата, а граѓаните однапред ги известуваат дека во утринските часови може да има отежнато движење на улиците опфатени со блокадата.
