Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ) поднесе законска иницијатива со која предлага драстично намалување на платите на пратениците и другите избрани и именувани лица, со вкупен ефект од околу 80 отсто пониски функционерски примања. Иницијативата предвидува измена на член 11 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците и другите избрани и именувани лица, со која основица за пресметување на нивните плати би била минималната плата во државата.
Според предлогот, „основица за пресметување на платата на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица е минималната плата во Републиката, според податоците на Државниот завод за статистика“. Дополнително, ССМ предлага намалување на постојните коефициенти за утврдување на плата и надоместоци за 40 отсто, што, како што наведуваат од синдикатот, во пракса значи вкупно намалување на функционерските плати за околу 80 проценти.
Од ССМ посочуваат дека иницијативата се темели на уставните принципи на еднаквост, недискриминација и правна сигурност, како и на меѓународните трудови стандарди, Европската социјална повелба и Универзалната декларација за човековите права. Според синдикатот, доколку минималната плата официјално се смета за доволна за покривање на елементарните потреби на граѓаните, тогаш таа треба да биде појдовна основа и за платите на функционерите.
ССМ нагласува дека за да постои реална еднаквост пред законите, платниот систем мора да се гради од иста основа за сите: работници, граѓани и функционери. Во тој контекст, синдикатот инсистира дека измената на член 11 е неопходна за да се воспостави еднаков третман во платната политика на државата.
Во соопштението се потсетува дека ССМ и Владата во 2023 година го потпишале Општиот колективен договор за јавниот сектор, со кој беше предвидено платите на вработените да се градат врз основа на просечната плата, по аналогија со законското решение за платите на функционерите. Сепак, според синдикатот, Владата како потписник не го почитувала договорот, не ги уредила платите на вработените на договорениот начин и дополнително иницирала укинување на тоа право.
Од ССМ порачуваат дека иницијативата за намалување на функционерските плати е директен одговор на ваквата пракса и обид да се воспостави фер и конзистентен систем на плати во државата.
