Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска поднесе иницијатива до Собранието, со која бара намалување на платите на избраните и именуваните функционери за 80 отсто и ги повикува пратениците самите да предложат и изгласаат законски измени.
Од ССМ порачуваат дека доколку пратениците не ја преземат оваа обврска, синдикатот ќе ја искористи уставната и законска можност и ќе започне собирање 10.000 потписи од работниците, со што ќе стекне право самостојно да поднесе предлог-закон за намалување на функционерските плати.
Синдикатот нагласува дека, во услови кога нема политичка поддршка за раст на минималната плата, пратениците треба да покажат солидарност со работниците и да си ги намалат платите за 78 проценти – ист процент за кој нивните примања беа зголемени во април 2023 година.
Иницијативата доаѓа по одлуката на Владата да не ги прифати барањата на синдикатите за зголемување на платите, што, според ССМ, дополнително ја продлабочува нееднаквоста меѓу функционерите и работниците.
Извор – Скопје1.мк
