Средба на УСС при УКИМ со министерот за дигитална трансформација: Нови иницијативи за дигитализација на студентските услуги

Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ вчера оствари значајна средба со министерот за дигитална трансформација, м-р Стефан Андоновски, на која беа разгледани и дискутирани важни иницијативи насочени кон подобрување на студентскиот стандард преку процесот на дигитализација во високото образование.

На средбата беа поставени неколку конкретни точки, чија цел е олеснување на административните процедури за студентите:

  • Дигитализирање на статистички обрасци кои студентите ги пополнуваат, преку соработка со Државниот завод за статистика и Министерството за дигитална трансформација, со цел да се обезбеди побрза размена на податоци меѓу институциите.
  • Електронско аплицирање за ЈСП студентската картичка и за здравствено осигурување на студентите, со што ќе се елиминира потребата од физичко поднесување документи и долги административни процедури.
  • Воведување на електронски упис на факултет, што ќе ја поедностави постапката за новите генерации студенти, намалувајќи го времето и ресурсите потребни за упис.
  • Дигитализација на книгите за запишани и дипломирани студенти, со што ќе се обезбеди трајна заштита на податоците и полесен пристап до нив.

Овие иницијативи се насочени кон модернизација на високото образование, зголемување на ефикасноста и транспарентноста на административните процеси, и поедноставување на секојдневните активности на студентите.

„Со овие чекори, целиме кон поголема дигитализација и ефикасност на студентските услуги, што ќе им помогне на студентите и на образовните институции да ги намалат бирократските процедури и да заштедат време и ресурси,“ истакнаа од УСС при УКИМ.

Оваа средба е само еден чекор кон подобро и помодерно образование за сите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни