Србите пумпаат правна држава

Од нападот пред ФДУ до маршот кон Нови Сад – студентите му даваат вештачко дишење на системот што одамна престанал да дише по сопствена волја.

Студентите кои со месеци наназад учествуваат во блокадата на Универзитетот во Белград, почнаа интензивно да работат на организација и план за маршот до Нови Сад. Како што пренесува Nova.rs, тие ќе тргнат на 30 октомври, а на патот до Нови Сад ќе преспијат во Инѓија.

Студентите одговараат на повикот од Нови Сад да бидат заедно на 1 ноември, на годишнината од падот на кровната конструкција на железничката станица во Нови Сад — настан што однесе 16 животи и тешко повреди една жена.

Инаку, трагедијата во Нови Сад се случи кога дел од настрешницата на главната железничка станица се урна врз патници кои чекаа воз. Истрагата беше отворена, но и по една година никој не понесе одговорност – ниту инвеститорот, ниту изведувачите, ниту надзорните институции.

Надлежните служби тврдеа дека „се чекаат вештачења“, Министерството за градежништво најави внатрешна ревизија, а обвинителството не поднесе ниту една кривична пријава.
Во меѓувреме, семејствата на настраданите сè уште не добија јасен одговор како можело новоизграден објект да се сруши под тежината на дожд и ветар.

За јавноста, ова не беше само несреќа – туку симбол на нефункционална држава, во која ниту еден потпис под јавен проект не значи ништо кога треба да се одговара.

Токму затоа, студентите година подоцна повторно тргнуваат кон Нови Сад – не само да оддадат почит, туку да потсетат дека правната држава не може да постои без одговорност.

Година дена подоцна

Падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад пред една година предизвика бран на протести и блокади низ цела Србија – особено на универзитетите и факултетите.
На 22 ноември 2024 година, студенти на Факултетот за драмски уметности (FDU) во Белград беа нападнати во близина на факултетот, додека заедно со своите професори оддаваа почит на настраданите.

Овој напад стана еден од клучните моменти што ја поттикнаа академската побуна, најпрво на FDU, а потоа и на десетици други факултети низ Србија. Многу од тие блокади траат и денес – во форма на јавни собири, пленуми и часови на отворено.

Според извештаите на Nova.rs и Danas, нападот го извршиле неколку лица кои со автомобил се приближиле до групата и физички и вербално ги нападнале студентите. Дел од нив се идентификувани, а против тројца е покрената постапка за насилно однесување на јавен собир.

По инцидентот, студентите го блокираа факултетот, барајќи истрага, одговорност и јавна осуда од државните институции. Наместо тоа, добија молк.

Државата и понатаму игнорира движење што бара само едно:
да функционира системот.

Час по демократија

Во момент кога институциите молчат, студентите се тие што зборуваат.
Професорот Миодраг Јовановиќ од Правниот факултет во Белград тогаш искрено изјави:

„Студентите ни држат час по демократија. Тие ни покажуваат што значи да веруваш во правото кога правдата е недостапна, да маршираш мирно кога сите те туркаат да молчиш, да бараш еднаквост кога системот функционира само за послушните„

Тој час трае и денес. Во секој говор, транспарент и чекор од Белград кон Нови Сад. Тие покажуваат што значи да веруваш во правото кога правдата е недостапна, да маршираш мирно кога сите те туркаат да молчиш, да бараш еднаквост кога системот функционира само за послушните.

Зошто е маршот значаен?

Маршот кон Нови Сад не е само патека по асфалт. Тоа е патека на сеќавањето, на отпорот, на барањето одговорност. Студентите не одат да го решат случајот – туку да не дозволат тој да се затвори без одговор. Во систем што често ја заборава сопствената совест, оваа генерација студенти одбива да заборави.
И затоа овој марш е толку важен. Не како протест, туку како етички гест.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни