Србија обезбеди повеќе од доволни количини природен гас до крајот на грејната сезона и во пролетта ќе влезе со стабилно снабдување, изјави генералниот директор на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ.
Во изјава за Радио-телевизија Србија (РТС), Бајатовиќ истакна дека редовното снабдување со гас е обезбедено преку Турскиот, односно Балканскиот тек, под истите услови за испорака.
Според неговите пресметки, Србија дневно располага со вкупно 22,6 милиони кубни метри гас.
„Тоа се 10 милиони кубни метри дневно за потребите на Србија, со одредена флексибилност. Купивме и веќе плативме шест милиони кубни метри дневно од унгарската компанија МВМ. Имаме 1,1 милион кубни метри од Азербејџан. Можеме да сметаме и на 2,5 милиони кубни метри од складиштето Банатски Двор, како и дополнителни три милиони кубни метри од Унгарија, од складиште за гас кое „Србијагас“ го купи и плати“, изјави Бајатовиќ.
Кога станува збор за домаќинствата, тој нагласи дека нема да има промени во цената на гасот.
Дополнително, Бајатовиќ посочи дека цените на европските берзи се во пад, што ќе придонесе за ублажување на дополнителните трошоци.
„Тоа делумно ќе ги неутрализира евентуалните трошоци за складирање и зголемените трошоци за транспорт“, додаде тој.
Зборувајќи за долгорочните договори за испорака на гас и санкциите на Европската унија кон Русија, Бајатовиќ нагласи дека Србија до 1 јануари 2028 година нема никакви правни пречки за купување руски гас.
„До 1 јануари 2028 година нема никаков проблем Србија да купува руски гас, да го транспортира и да го користи во земјата. Тоа е убедливо најевтиниот гас“, заклучи Бајатовиќ.