Во Србија порасна побарувачката за гориво

Граѓаните во Србија ги полнат резервоарите, а земјоделците купуваат гориво во канти и буриња поради растот на цените на нафтата

На бензинските пумпи во Србија е забележан значителен пораст на побарувачката за бензин и дизел, откако цените на горивата на големо почнаа нагло да растат како последица на конфликтот на Блискиот Исток, пренесува N1.

Според сопствениците на бензински станици, граѓаните во последните денови почесто ги полнат резервоарите до максимум, додека земјоделците купуваат гориво во канти и буриња или нарачуваат поголеми количини за испорака.

Сопствениците на бензинските пумпи велат дека цената на дизелот во набавка значително пораснала во последните денови. Според нив, литар дизел на големо достигнал околу 195 динари, што е за околу 14 динари повеќе од претходно. Доколку на оваа цена се додаде пропишаната маржа, дизелот на пумпите би требало да чини околу 216 динари по литар, додека во моментов се продава за приближно 200 динари.

Тие нагласуваат дека побарувачката на гориво на пумпите пораснала за околу 15 проценти, додека во големопродажбата растот достигнал и 35 проценти.

Во последните денови, како што наведуваат цената на дизелот се зголемила за неколку динари по литар, а поскапувањето е поврзано со глобалниот раст на цената на нафтата.

Според актуелната уредба на Владата на Србија за ограничување на цените на нафтените деривати, дизелот моментално чини околу 200 динари по литар, додека бензинот се продава за 178 динари.

Во меѓувреме, на светските пазари цената на нафтата порасна од околу 63 на повеќе од 80 долари за барел, што дополнително го зголемува притисокот врз енергетскиот пазар во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни