ЕУ бара одговорност за инцидентите на изборите во Србија

ЕУ ја повика Србија да ги истражи инцидентите и насилството за време на локалните избори.

Делегацијата на Европската Унија во Србија соопшти дека внимателно ги следела локалните избори одржани на 29 март во десет општини, изразувајќи загриженост поради бројни пријавени нерегуларности и инциденти.

Од ЕУ посочија дека се забележани извештаи за насилство врз независни набљудувачи, граѓани, претставници на политички партии и новинари.

„Ги повикуваме надлежните органи да обезбедат брзо и транспарентно решавање на овие прашања и да ги повикаат сторителите на одговорност“, се наведува во соопштението.

Европската делегација нагласи дека државата има обврска да ги заштити граѓаните, да обезбеди безбедни услови за набљудувачите и да ја гарантира сигурноста на новинарите за време на изборниот процес.

Воедно, ја поздравија високата излезеност на гласачите и фактот што властите дозволиле меѓународно набљудување на изборите.

Сепак, од ЕУ предупредија дека се потребни конкретни подобрувања и реформи пред следните изборни процеси.

Тие повикаа на целосно спроведување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Советот на Европа, со вклучување на сите релевантни страни.

„Правилното функционирање на демократските институции е клучно за процесот на пристапување на Србија кон Европската Унија“, се додава во соопштението.

Локалните избори беа проследени со низа инциденти, вклучувајќи тепачки, напади и обвинувања за изборни нерегуларности.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни