Србија во пламен: Немири, судири со полиција и запалени простории на партии низ повеќе градови

Петта вечер протести во Србија прерасна во хаос: судири со полицијата, запалени простории на партии и тензии низ Белград, Нови Сад и Валево.

Петтата по ред вечер на протести во повеќе српски градови беше обележана со сериозни инциденти, насилства и интервенции од страна на полицијата. Најкритични ситуации беа забележани во Белград, Нови Сад, Земун и Валево, каде демонстрантите ја изразуваа својата револт против актуелната власт и постапките на полицијата од претходните денови.

Белград и Земун – судири со полицијата и напади врз простории на политички партии

За разлика од претходните денови, протестите во Белград не беа организирани во центарот на градот, туку на две локации: кај Општината Нови Белград и во Земун. Демонстрантите блокираа кружен тек, а полицијата околу 21 час интервенираше кај седиштето на СНС (Српска напредна странка), каде дојде до судири и беа слушнати и топовски удари.

Во Земун, група млади демонстранти разбија прозорци на просториите на Српската радикална странка (СРС), која се смета за матична на актуелната владејачка СНС. Протестната колона потоа се упати кон Нов Белград, со намера да се обедини со другата група демонстранти и да продолжат кон просториите на СНС на улиците Џона Кенеди и Палмира Тољати.

Нови Сад – конфликти во близина на судот и универзитетскиот кампус

Во Нови Сад, демонстрантите се обидоа да стигнат до зградата на судот, во знак на поддршка за уапсените студенти од претходните денови. Полицијата ги потисна кон студентскиот кампус, при што дојде до напната ситуација и вербални конфликти. Студентите извикуваа дека е нарушена автономијата на универзитетот и пееја протестни песни.

Во исто време, демонстрантите фрлаа камења врз просториите на Покретот социјалиста и Српската радикална странка на Булеварот Михајла Пупина. Полицијата одговори со дополнително потиснување на насобраните.

До овој момент, според извештаите, во судовите во Нови Сад се сослушани десетмина уапсени, од кои шест се задржани во притвор, а четворица се пуштени на слобода. Распитите продолжуваат, а се појавуваат и информации дека полицијата се насочува кон Полjопривредниот факултет.

Валево – најинтензивни судири и сериозни оштетувања

Градот Валево беше еден од првите каде започна протестот околу 19 часот, а веќе по 21 час ситуацијата ескалираше. Демонстрантите фрлаа камења и бакљи кон просториите на СНС, каде избувна и пожар на првиот кат од зградата. Подоцна беа оштетени и зградата на Градската управа, просториите на Јавното обвинителство, како и еден угостителски објект.

Во овој град, демонстрантите изразуваа револт и поради наводната бруталност на полицијата за време на протестот од 14 август, кога беа уапсени 17 лица. Тие во меѓувреме се пуштени на слобода, според соопштението на Основното јавно обвинителство.

Контроверзии и реакции

Организаторите на протестите ја обвинуваат полицијата за прекумерна сила и репресија. Од друга страна, провладините медиуми и официјални извори тврдат дека дел од демонстрантите биле организирани со цел да предизвикаат инциденти, а некои од нив биле вооружени.

На протестот во Книќ, се појави и д-р Владимир Здравковиќ, кој изјави: „Ова што го гледаме денес не е Србија каква што сакаме.“

Петтата вечер од протестите во Србија беше најинтензивна досега, со сериозни нарушувања на јавниот ред, судири со полицијата и значителни материјални оштетувања. Јавноста останува поделена – додека едни повикуваат на смирување, други бараат одговорност за, како што велат, бруталното однесување на полицијата и корупцијата во власта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни