Калиа Димитрова се занимава со уредување и пишување откога се сеќава на себе. Дипломира политички науки, а магистрира во областа на културолошките науки. Авторка е на збирките „Вештерките денес“ („Темплум“, 2018) и самоиздадената „Во хаосот радост“(2023). Основачка е и главна и одговорна уредничка на дигиталната феминистичка платформа Медуза, како и на печатените изданија на Медуза. Авторката е на повеќебројни есеи, колумни и истражувачки/експериментални текстови во полето на феминизмот, колективното сеќавање и замислување, менталното здравје, популарната, интернет и квир културата и сите можни пресеци на сите овие области.
Петар Антевски (1993, Скопје) е пропаднат студент по индустриски дизајн, но има дипломирано Филмска, ТВ и театарска продукција на Факултетот за драмски уметности – Скопје како студент на генерација, и магистрирано на Факултетот за драмски уметности – Белград, отсек Реклама и медиуми.
Бесрамно работи на независната театарска сцена како основач и претседател на Здружението за афирмација на театарската уметност „Пресврт“. Во 2022 се приклучува на организацискиот тим на најстариот македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Антевски е извршен продуцент на еден краткометражен филм, „Неонски срца“ (2019) во режија на Ана Јакимска, и тоа додека беше на студии, така што не се рачуна. Во последните две и пол години, има работено како видео продуцент за една америчка видео платформа пошто беше кнап со пари, а животот во Белград го натера да се регистрира како предузетник.
Стефан Алијевиќ (1991, Гевгелија) завршил студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на катедрите за Општа и компаративна книжевност и Англиски јазик и книжевност. Пишува раскази, но и експериментира со други книжевни форми. Неговата дебитантска збирка раскази „Вечерен автобус“ беше наградена на регионалниот книжевен избор за актуелна феминистичка и квир книжевност „Штефица Цвек“ за 2022 година. Освен книги ептен сака и музика, па има своја емисија во музичкото радио Канал 103, а исто така е и редовен музички селектор во Ла Кања и во Комитет.
Настанот е организиран во партнерство со ПичПрич, Tiiiit! Inc. и Медуза