Search

Срамот под рефлектори: Искрените приказни на квир заедницата го затворија овогодинешниот фестивал Викендот на гордоста

Во рамки на Фестивалот за квир култура, уметност и теорија – Викендот на гордоста, организиран од Коалиција Маргини и ЛГБТИ Центарот за поддршка, вчерашниот настан во партнерство со ПичПрич, Тиииит! Инк. и Медуза, го собра вниманието на јавноста преку искрени и отворени приказни на припадниците на квир заедницата. Настанот, воден од Румена Бужаровска и Ката Попова, претстави вистински ситуации од животите на раскажувачите, откривајќи моменти кога се почувствувале засрамени, непријатно или нелагодно.

Настанот „Срамота“, кој се организира во рамки на фестивалот „Викенд на гордоста“ ги собра поддржувачите на квир заедницата и им пружи едно неверојатно необично искуство преку една уникатна форма на раскажување на учесниците кои повеќе или помалку беа претставници на квир заедницата. Водителското дуо  Румена Бужаровска и Ката Попова со нивниот необичен начин на модерирање на целиот настан придонесоа дополнително за атмосферата во театар Комедија.

Настанот започна со хумористичните забелешки на Румена, која на своите слушатели им кажа: „Знаеме дека е прилично жешко вечерва, ама повеќето од вас педерчиња и женчиња знам и дека имате лепези, па не ве мислам“, по што публиката прсна во смеа.

Срамот и отпорот: Приказни од вистинскиот живот

Прв го отвори срцето Петар Антевски, продуцент во подем, латино играч, кој сподели како често се преслушува дали неговото тело одговара на идеализираните стандарди на социјалните мрежи и медиумите. Раскажа и за една интересна ситуација во сауна во Барселона, која го натера да преиспита многу нешта за себе. „Баш токму поради тоа, измеѓу мечките и набилданите луѓе сфаќам дека цело време се соочувам со срамот од сопственото тело, нека не ве лаже оваа фигура, поздади оваа маичка се крие една аморфна маса, пробувам да се соочам со предизвикот да се има совршена аполонска фигура, мускули, бицепси, трицепси, стомачни…“, при што тој истакна дека култот кон совршенството не е нов, ама со социјалните мрежи многу се рашири.

Калиа Димитрова или македонската Кери Бредшо, уредничката на Медуза, автор на поезија и феминистка, зборуваше за искуства со своите партнери и посебно ја насмеа публиката со случката за сребрената свадба на нејзините родители. Нејзините приказни ги  толкува како  знаци, што според неа, секогаш носат некое скриено значење. „Има многу нестандардни и неприродни сцени коишто прават да сфатам дека не е срамно да имаш нестандардни родители, срамно е веројатно да не пораснеш доволно за да се обидеш да си ја живееш сопствената вистина и да им дозволиш на другите да го прават тоа“, истакна Калиа на крајот од своето обраќање.

Стефан Алијевиќ, кој беше награден на минатогодишниот регионален избор „Штефица Цвек“ за 2022 година, сподели делови од своето најрано детство и како на 16 години почнал да ја открива својата сексуалност.

Сашка Галоња, специјалната гостинка од Белград, ги насмеа присутните со своите приказни за вечерното претставување пред македонската јавност и неуспешниот обид да се качи на суп на море. Водителките а и самата таа се претстави како несудена политичарка на политиката што не постои, но специјалистка за граѓанско општество и организациски развој.

Демистифицирање на срамот

Никола Николовски, архитект и истражувач, опиша настан од неговото најрано детство и како бил засрамен од култот кој го негувал кон еден подарок од неговата тетка.

Ангела Стојановска, актерка и стенд ап комичарка, раскажа искрено и комично за едно сексуално искуство, што ја насмеа публиката и ја заврши вечерта со огромен аплауз.

Овие приказни ја превртуваат и трансформираат идејата за срамот, враќајќи го назад кон оние што, занесени во својата арогантност и привилегија, претпоставуваат дека имаат право да бидат родова, сексуална и морална полиција. Со секоја раскажана приказна, срамот станува нашето задоволство и среќа. Наместо сведнатата глава и преплавувачкото црвенило, пркосиме. Наместо неподносливото задушување навнатре во себе, експлодираме од смеа.

Фотограф: Соња Ставрова

Најново

Последни колумни