„Не сме тука сите педерчиња и лезбејки, ама сите сме некако настрани“ – со оваа реченица Румена Бужаровска го отвори шестото издание на Срамота!, вечер на квир раскажувањето, што веќе станува култен собир за сите што сакаат да ја соголат душата – и да му плукнат во лице на срамот.

Во жешка сала, каде сите се ладеа со лепези и уште повеќе со искрен хумор, Румена и Јана Јакимовска водеа разговор што ја нишаше публиката од солзи до гласна смеа. Од интимни исповеди до откачени фантазии, оваа Срамота беше вистински фестивал на слобода.

Алма Гачанин од Сараево зборуваше за своите први сексуални освестувања во едно време и општество во кое сексот беше табу, а нејзината исповед беше храбра и освежувачка. Јован Јосифовски, „говорникот со најдобар задник“, откри момент од детството што го ослободил од срамот и му помогнал да го прегрне своето Јас.


Публиката особено ја засака Благица Петровска Баци, која со својот кочански дијалект и анегдоти за квирлукот и револуцијата во својот идентитет доби громогласен аплауз. Нејзините последни зборови „Чао тета, чао чичо!“ станаа хајлајт на вечерта.


Невена Пауновиќ од Србија пак, фино ги помести границите со својата интимна опсесија со „голема нужда на јавни места“ и соништа што сѐ уште ја прогонуваат. Срам? Нема. Само искреност и хумор што ослободува.

А за крај, Игор Лазаревски – среќно оженет со својот партнер Метју, кој исто така имаше краток хумористичен настап на сцената на македонски јазик кој сега го учи – зборуваше за бунтот против религијата што го научила да се срами од себе. „Во црквата научив срам, денес учам гордост“, рече Игор, затворајќи ја вечерта со порака што се врежа длабоко.


Срамота е огледало, трибина и терапија. На крајот, ако нешто научивме од оваа вечер, тоа е дека споделен срамот станува сила – а „квирлукот“, односно квир позициите ја црпат својата моќ токму од таа храбра различност и отвореност.

Срамота! беше организирана во рамки на овогодинешниот Викенд на гордоста – Фестивал за квир и феминистичка култура, уметност и теорија, чија програма продолжува до 14 јуни со настани курирани под темата ЈУГОКВИР.
Фотограф: Надица Манева Ангеловски