Спор во германскиот Бундестаг околу депортациските центри

Во германскиот Бундестаг во четврток настана спор околу новиот европски систем за азил CEAS.

Министерот за внатрешни работи, Александар Добринт предлага построги мерки за контрола на нелегалната миграција, вклучително и депортација на мигранти во центри во трети земји. Според него, не сите обврски треба да паднат на грбот на една држава, туку тие мора да се еднакво распределени низ Европа.

Досегашниот Даблински регламент треба да обезбедува фер распределба на барателите на азил – тие мора да аплицираат за азил во првата земја на ЕУ во која влегуваат. Во практика, системот не секогаш функционирал според намерата, со пропуштени рокови, недоволна соработка меѓу државите членки и второстепена миграција, што довело до преоптоварен систем.

Добринт нагласува дека постои право на азилна постапка, но не и право на избор на држава. Тој предлага депортација на мигранти кои сториле кривични дела во Авганистан, како и воспоставување на секундарни центри и хабови за враќање во трети земји.

Реакциите на политичките партии на предлогот за депортациски центри се поделени и на моменти жестоки. Од една страна, CDU/CSU го застапува ставот дека се неопходни нови критериуми за задржување за полесно спроведување на депортациите. Портпаролот за внатрешна политика, Александер Тром, истакна дека станува збор за луѓе кои нелегално дошле во Европа и немаат право на заштита или престој, и дека тие треба да се вратат во својата земја или, ако тоа не е возможно, во некоја безбедна трета земја.

Од другата страна, AfD ја поддржува идејата како добра, но го доведува во прашање капацитетот на SPD да ја спроведе. Бернд Бауман предупреди дека CEAS не е ефикасен систем, бидејќи нелегалната миграција нема да се стопира, туку само ќе се прераспредели.

Зелените и Левица пак, гледаат сериозни правни и хуманитарни ризици. Клаудија Рот од Зелените истакна дека концептот се коси со принципот на азил предвиден во германската уставна рамка, додека Клара Бунгер од Левицата предупреди дека трети земји не се гарантирано безбедни. Таа додаде дека правата на човекот се загрозени, бидејќи голем број мигранти би биле сместени во центри и потоа испратени во несигурни земји.

Меѓутоа, SPD останува поделена. Хакан Демир признава дека делови од CEAS се на добар пат, но потенцијалните повреди на човековите права, особено ограничувањето на движењето во секундарни и депортациски центри, предизвикуваат загриженост. Тој нагласи дека, иако депортациските центри се законски возможни, во практика не постои земја каде тоа може да се спроведе.

Претходни обиди за воспоставување вакви центри, како во Италија и Велика Британија, не успеале поради правни и логистички пречки. Сепак, Холандија неодамна направи чекор напред со потпишување меморандум со Уганда за пилот-проект на центар за враќање на одбиени баратели на азил, кој би служел како сместување, а не како затворски објект.

Извор: Euronews

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни