Трејлерот за филмот „Спајдермен: Сосема нов ден“ постави нов историски рекорд, станувајќи најгледан филмски трејлер на сите времиња.
Видеото, објавено од Sony Pictures, собра неверојатни 718,6 милиони прегледи во првите 24 часа на сите платформи, со што го надмина претходниот рекорд што го држеше „Дедпул и Вулверин“ со 365 милиони.
Интересот за новото продолжение беше огромен уште од првите часови – трејлерот достигна 373 милиони прегледи за само осум часа, надминувајќи го и резултатот на „Дедпул 3“, чиј трејлер беше претставен за време на Супербоул 2024.
Со ова, новиот „Спајдермен“ го надмина и сопствениот рекорд на претходниот филм „Нема пат кон дома“, кој во 2021 година собра 355,5 милиони прегледи во првите 24 часа.
Дополнително, трејлерот веќе стана и најгледан видео-содржина во прв ден, надминувајќи го и рекордот на „Grand Theft Auto VI“, кој имаше 475 милиони прегледи за 24 часа.
Филмот го означува враќањето на Том Холанд во улогата на Спајдермен, продолжувајќи ја приказната по настаните од „Нема пат кон дома“, кој заработи 1,9 милијарди долари во кината ширум светот.
Дејството се одвива четири години подоцна, кога Питер Паркер живее изолиран живот, без врски со луѓето од своето минато. Посветен целосно на заштитата на Њујорк, тој се соочува со нови закани и предизвици кои го ставаат на тест неговото место како суперхерој.
Во филмот, покрај Холанд, настапуваат и Зендаја, Сејди Синк, Џејкоб Баталон, Џон Бернтал, Трамел Тилман, Мајкл Мандо и Марк Рафало.
Режијата е на Дестин Даниел Кретон, сценариото го потпишуваат Крис Мекена и Ерик Сомерс, а продукцијата е дело на Кевин Фајџ, Ејми Паскал, Ави Арад и Рејчел О’Конор.