Советот на Европската унија вчера го договори заедничкиот став за уредбата која ќе им овозможи на државите-членки постепено да го воведат Системот за влез и излез (EES), нов дигитален систем за управување со границите.
Иако во оваа уредба не е определен конкретен датум за започнување на работата на системот EES, неговото постепено воведување, како што покажува мапата на патот на агенцијата eu-Lisa, може да започне во октомври оваа година. Системот EES е ИТ систем кој ќе ги дигитализира влезовите и излезовите, податоците од пасошите, отпечатоците од прстите и фотографиите на лицето на државјаните на земји кои не се членки на ЕУ, а патуваат за краток престој во некоја од 29-те европски земји.
Овој систем, кој ќе го замени сегашниот систем на рачно ставање печат на пасошите, ќе се однесува и на граѓаните на Македонија кога ќе преминуваат граници на ЕУ. Во уредбата не е определен датум за почеток на постепеното воведување на системот EES, бидејќи тоа бара Европската комисија да донесе посебна одлука кога законот ќе влезе во сила.
Извор: ТАЊУГ