Стабилизирање по врнежите: каде состојбата е под контрола, а каде сè уште има проблеми низ Македонија

По обилните врнежи од дожд и снег, надлежните служби информираат дека состојбата во најголем дел од државата е стабилна, со локални проблеми во одредени региони, особено во западниот и пелагонискиот дел.

По обилните врнежи кои ја зафатија територијата на Република Северна Македонија во изминатиот период, надлежните институции информираат дека состојбата до 12:30 часот е главно стабилизирана, без поголеми нарушувања во редовното функционирање.

Во скопскиот регион не се евидентирани проблеми. Во моментот нема активни врнежи, а состојбата е оценета како стабилна. Слична е ситуацијата и во Тетово и околината, каде сите патни правци се проодни, со претежно влажни коловози. ЈП „Македонија пат“ континуирано го одржува патниот правец Тетово – Попова Шапка, додека за одронот на патот Гостивар – Маврово, кај каменоломот, најавена е интервенција за расчистување и нормализирање на сообраќајот.

Во Струмичкиот регион нема пријави за штети, не постои опасност од излевање на реките, ниту пак се забележани одрони или непроодни патни правци. И во Велешкиот регион состојбата е стабилна, без активни врнежи и без нарушувања.

Во Кумановскиот регион, вклучително и општините Липково и Старо Нагоричане, реките не се излеваат, а водостоите се во опаѓање. Сите патни правци се проодни, а подмрзнатиот пат од селото Пелинце до граничниот премин Пелинце е целосно расчистен по интервенција на надлежните служби. Во Крива Паланка, Кратово и Страцин се вршат тековни интервенции за расчистување на снег и помали одрони на локални делници.

Во Штипскиот регион нема врнежи и состојбата е мирна и стабилна.

Одредени проблеми сè уште се евидентирани во охридско-струшкиот и западниот регион. Во Охрид, реката Сушица е ставена под контрола со изградба на заштитен насип, но на повеќе локации сè уште има поплавени подрумски простории и дворови. Во струшките села Мислешево и Калишта, исто така се пријавени поплавени дворови, а состојбата е под постојан надзор. Во Дебар, реката Радика има зголемен водостој, но без опасност од излевање, додека на патиштата се појавуваат помали одрони кои редовно се расчистуваат. Во Кичево, водостоите на Зајашка река и Треска се намалени, а локалниот кризен штаб одржува состанок за понатамошни активности.

Во битолско-пелагонискиот регион, во Демир Хисар е затворен локалниот пат кон селото Мренога поради оштетување на мост на Боишка река. Реките во најголем дел се вратени во коритата, но реката Црна сè уште се излева кај селата Жван и Единаковци, при што се поплавени земјоделски површини. Во Битола состојбата е нормализирана, а нивото на реката Црна кај Новаци изнесува 320 сантиметри. Во Ресен, водата се повлекува од поплавените површини, а во тек се интервенции за расчистување на коритото на Голема Река.

Надлежните институции и понатаму ја следат состојбата на терен и апелираат до граѓаните на зголемена внимателност, особено во подрачјата каде што сè уште има зголемени водостоји и локални оштетувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни