Состојбата на повредените од пожарот во „Пулс“ се стабилизира, но борбата продолжува

По трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, состојбата на повредените пациенти покажува знаци на подобрување, но здравствените власти предупредуваат дека борбата не е завршена.

Иако бројот на критичните случаи се намалува, останува ризикот од инфекции и можно влошување на состојбата кај некои пациенти. Во меѓувреме, се подготвуваат протоколи за враќање во земјава на првите пациенти кои биле префрлени на лекување во странство, а кои се во добра здравствена состојба. Нивното пристигнување е планирано за втората половина на неделата.

Во земјава моментално се лекуваат 54 пациенти, од кои најголем дел се во Клиничкиот центар во Скопје. Во ГОБ „8 Септември“ има 11 пациенти, во Градската општа болница 10, додека шестмина се на лекување во приватни клиники. Од вкупно 116 пациенти кои биле испратени во странство, 38 добија помош преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кој Владата го активираше веднаш по несреќата, додека останатите беа хоспитализирани преку директна билатерална соработка.


Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека во текот на следната недела пет пациенти ќе бидат вратени во Македонија. По нивното пристигнување, ќе им биде направена тријажа за да се утврди дали имаат потреба од понатамошно болничко лекување или ќе можат да продолжат со терапија во домашни услови. Министерот потврди дека шест пациенти сè уште се во критична состојба, од кои двајца се лекуваат во Љубљана, а четворица во Воено-медицинската академија во Белград.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, информираше дека е изготвен план за поддршка на пациентите и нивните семејства. Според него, сите матични лекари добиле насоки за олеснување на процедурите за препишување лекови и одобрување боледувања за настраданите во пожарот. Освен тоа, секој повреден во трагедијата ќе добие итна финансиска помош во износ од 150.000 денари, која ќе се реализира преку Црвениот крст на Македонија.

Што се однесува до пациентите кои се лекуваат во странство, нивниот престој го покриваат земјите-домаќини, додека Владата ги презеде трошоците за патување и сместување на најблиските роднини. Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски најави дека денеска ќе замине за Будимпешта, каде ќе ги посети повредените кои се хоспитализирани во унгарските болници. Истовремено, дипломатските претставништва на Македонија се во постојан контакт со семејствата на пациентите за да обезбедат навремена поддршка и информации.

Во меѓувреме, Чешка и Израел испратија медицински тимови за помош, додека Романија, Луксембург, Норвешка и Финска обезбедија логистичка поддршка за транспорт на повредените. Според официјалните податоци, најголем број пациенти се лекуваат во Србија (31), следат Бугарија (15), Турција и Грција (по 12), а останатите се распределени во болници во Австрија, Унгарија, Шпанија, Хрватска, Белгија, Литванија, Италија, Шведска, Словенија и Полска. Владата најави дека ќе продолжи да ги следи состојбите на сите пациенти, обезбедувајќи им соодветна нега и поддршка во процесот на рехабилитација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни