Соња Исмаил: Пуштам музика заради радоста која ја гледам кај луѓето на подиум

Соња Исмаил, магистерка по политичка филозофија и родови студии, е диџејка со извонредна музичка умешност. Пушта музика со страст уште од 2006 година, започнувајќи на покана на еден пријател и никогаш не престанувајќи. Нејзиниот музички стил е еклектичен – од жестоко техно до диско и поп песни, креирајќи единствено доживување на слушателите. Соња е ѝ искусен новинар и дел од приказната МКЦ. Иако е разнобразна во своите интереси, нејзината љубов кон музиката е еден од нејзините најголеми идентитети.

Трн:Годинава, беше дел од Пич прич и многу непосредно и искрено ја раскажа својата лична приказна. Би сакала да го повториш делот за читателите на Трн.мк кога објаснуваш како луѓето реагирале на твоето мајчинство и твојата професија?

Соња: Учеството на овогодинешниот Пич Прич за мене беше ретка прилика да се претставам малку поинаку пред јавноста која е навикната да ме гледа во една улога и затоа сум многу благодарна. Особено е важно што постои една платформа како Пич Прич и луѓето кои ја градат истата, затоа што тие отвораат простор и им даваат прилика на разни гласови, особено женски, да зборуваат гласно за многу различни и важни теми за кои најчесто се зборува тивко или воопшто не се зборува. Алудирате на оној дел од мојот настап на Пич Прич кога зборував за моето мајчинство и една од моите професии – пуштањето музика, или начинот на кој некои луѓе го доживуваат миксањето на овие улоги. Станува збор за оној малтене душебрижнички однос и коментари кои неретко ги добивам, особено кога ме сретнуваат во некој клуб или кафич после полноќ, кога добивам прашања за тоа каде е ќерка ми или коментари од типот „блазе тебе, се журкаш“, а јас сум на работа. 

Трн:Колку стереотипите се дел од нашето општество и колку не уназадуваат?

Соња: Општеството во кое живееме е фундирано врз стереотипи. Овде се негуваат, хранат и наголемо охрабруваат стереотипи и најразлични -изми. А стереотипите нè уназадуваат сите, без исклучок, на секој можен план и тоа е нешто што не може да одбегне никого. Ако имате среќа и можете да се издигнете над меурот на тињата, на добар пат сте. Ако не, на здравје.

Трн: Колку те формираше диџејството како личност и колку влијаеше на твоето емотивно созревање?

Соња: Верувам многу. Ова е професија која во најголем дел е поврзана со комуникација со луѓе. И како таква е двонасочна улица. А сметам дека размената која се случува меѓу луѓето, каква и да е, е суштинска за растењето и промената.

Трн: Кога и каде беа твоите почетоци? Нешто знам Лудница на Боемска улица, не знам дали сум во право?

Соња: Да, така беше. Лудница, 1-ви април 2006 година. Прв пат пуштав музика за првоаприлскиот жур кој го замисли и организираше нашиот познат режисер и мој другар Срѓан Јаниќијевиќ, кој беше тогаш сопственик на локалот. Се случи незапаметена градска журка. Велам градска, затоа што буквално се истури цело Скопје таа вечер во Лудница. Темата беше 80-те години на минатиот век, па така и музиката беше пригодна. Сјајна забава, фантастична енергија. На крајот на вечерта Срѓан само ми рече: „Победи, рачунај дека си букирана следниот петок“. 

Трн: Каква музика пушташ, а каква музика никогаш не би пуштала?

Соња: Пуштам музика за танц, за прегратки, за шизење и за шизнување. Не пуштам музика која не ме движи, која не предизвикува некаква емоција кај мене. Една од најсилните причини зошто пуштам музика е заради радоста која ја гледам кај луѓето на подиум. Насмеани лица и подиум кој се бранува од танц, тоа е за мене успешна вечер.

Трн: Каде пушташ сега музика?

Соња: Имам среќа да пуштам музика таму каде што сакам и да излегувам кога можам. Уште поголема среќа е тоа што локалите каде што сакам да излегувам ги држат мои долгогодишни пријатели. Па така, еднаш месечно сум во Макка кај Мачки и Данило, во Радио Бар кај Вишко, во Шортбас кај Аљоша и Лапе и во Бруталиск кај Марко и Никса. А и на други места каде што ќе ме поканат да пуштам музика.

Трн: Како активистка, за што се бориш најмногу?

Соња: Не се доживувам себеси како активистка. Ме интересираат само мирот и вистината. Тоа се моите лични борби.

Трн: Има ли момент од твојот живот кога си била најсреќна?

Соња: Да, сега.

Трн: Од што најмногу се плашиш?

Соња: Веројатно од многу нешта, но се трудам стравот да не биде мојата движечка сила.

Трн: Што ти е највредно од она што го поседуваш?

Соња: Тоа што мирно спијам.

Трн: Што или која е најголемата љубов на твојот живот?

Соња: Прекрасно е кога љубовта има име, или човечки облик. Кога можеш во некого да видиш, препознаеш и почувствуваш сè за што си мечтаел, си го барал отсекогаш. Знаеш дека е љубов кога стануваш подобар, затоа што во љубовта се гледаме и се огледуваме.  

Трн: Кои се твоите херои во реалниот живот?

Соња: Хероите од други реалности. Корто Малтезе, Мечето Ушко, Јозеф К.

Трн: Со што друго се занимаваш освен со диџејството и како пливаш во повеќе води?

Соња: Работам во Младинскиот културен центар во Скопје, а се занимавам со различни нешта. Учам математика, чистам, готвам, слушам музика, пак чистам, возам, се обидувам да украдам време за читање повеќе од објава на инстаграм, зевам во небо и пак од почеток.

Трн: Како се опушташ?

Соња: Тешко ми оди тоа. Еве ме, интензивно учам како да се опуштам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни