Соништа, самодоверба или бакната рака, до тоа ли дојдовме?

Деновиве чинам живеевме во паралелна реалност. Една во која ги штитевме жените со повикување на свест и  традиционална заштита. И друга потемна, помрачна, во која на социјалните мрежи жигосувавме жени, повикувавме на лично против нив, ги колневме и анатемисувавме.

Жени кои се рбетот на општеството, а ние ги потсетивме на нивната биолошка должност и за достоинствениот живот, ги преиспитавме и обесхрабривме. Како  луѓето со моќ сакаат да останат мали оние жени кои имаат капацитет да станат големи, ги зајакнуваат нивните сомнежи сами во себе, ги бомбардираат со пораки дека „Не се доволно добри“.
И затоа морам да се запрашам – вера ли е онаа во која јас не треба да имам вера во себе пред се?

Ќе креираме ли општество каде жените се социјални случаеви без алатка за охрабрување, за откривање на своите таленти, во кој чекаат „ дозвола“ од некој да станат вредни, да ја видат својата вредност. Самопочитта е проценка на сопствената вредност. Тоа е лична проценка за достојноста што се изразува во ставовите на луѓето кон себе, што служи како термометар за општествено прифаќање. Е токму тоа тивко им го рушиме на жените во секој чекор.
Од раѓање самопочитта им ја „градиме “ со онаа народната: „Кога се роди женско и стреите плачат…“

И потоа без да помислиме на системот, неуморно се жалиме дека имаме образование кое тоне…. Но. работи ли тоа образование на охрабрување на девојките, на оние со реални таленти, со можности. И не,  не мислам на натпревари по хемија и математика, и не мислам на натпревари во кое детето на некој моќен е секако прво место нели? Мислам на охрабрување, на говорење гласно, на доверба во себе, на избор, креативност, лидерство, храброст , сонување и откривање на своите таленти кои токму Бог ни ги додели со раѓањето.

Нели тие дарови ни се дадени за да придонесеме и да го направиме светот подобро место за живеење? Говориме дека не сакаме сеопфатно сексуално образование и свест за заштита на своето тело, не сакаме жените да се спознаат себе, а во меѓувреме во молк броиме жени кои се темната бројка на жртви на семејно насилство.

Како намерно да забораваме дека учениците со поголема самодоверба се поподготвени да учат, да се предизвикуваат себеси,  да имаат резилиентност кога се исправени пред разни животни предизвици. Токму самодовербата, и свесноста за својата вредност е темелот на животните достигнувања . Жени кои ја изгубиле себепочитта со првиот шамар кој го добиле, и првото побарување дозвола да излезат на кафе со другарки. Жени кои не ја спознале сопствената вредност, кои се плашат од својот поглед во огледало и кои бројат модринки по телото, несвесни дека можат да бројат победи. Жени кои мислејќи дека издржливоста во насилството ќе им биде наградена со мирни и среќни деца , несвесно градејќи млади девојки исплашени од секој маж, со комплетна недовеба во себе , во системот, во семејството, кои лесно стапуваат во насилен брак и кои по себе се трагаат во погрешните очи, раце и вредности.

Оваа недела ја чув и реченицата „Не треба да градиме општество кое не поделува на кој е кој, што е што. Туку општество кое ги користи талентите и даровите на секој подеднакво и ита кон раст“.

Реченица со призвук од Европските земји, а ние не сакаме таму нели?

Не говориме ние дека општеството, економијата и земјата се развиваат само во услови во кои сечиј талент и капацитет ќе се искористени во една цел – цел наречена развој и можности. Ние итаме кон раст, но очигледно итаме без жените. Итаме во проповедтта дека жената е за да биде тивка, мирна, покорна, да коленичи, да го чува семејното огниште и да биде задоволна со тоа што ќе донесе домаќинот во куќата.

Ја градиме оваа мантра и овој општествен терет го ставаме вез жените, преиспитувајќи ги дали се болни или лезбејки ако не се мажени, дали некој ги воспитувал воопшто во животот што ете не родиле до 35 години. Мантраме во секој миг за жените, без да мантраме колку вредат, колку ни се потребни во општеството, колку се сила која може да не придвижи напред.

Помалата работна активност на жените поврзана токму со нивното чувство за себе, значи комплетна загуба на економијата, на општеството, на секој од нас.  Но значи и потивок политички простор без гласни жени, помирен бизнис свет без енергични жени…

Ги потсетуваме ли жените дека треба да се храбри, издржливи, да се исполнителни, да се дисциплинирани, да се упорни и да успеат, додека им мантраме за должноста кон општеството, додека ги линчуваме на социјалните мрежи!

Им ја кажуваме ли вредноста на истрајноста кога трагаат по своите соништа. Но дали воопшто ги охрабруваме да имаат соништа. И не, немам ништо против верата, ја имам длабоко во себе.
Но нели и таа полесно се шири кога храбри жени, сигурни моќни говорат за неа? Кога со својот пример покажуваат дека верата е подеднакво и вера во себе.

И не, не сакам да бакнам ничија рака. И не , не сакам главата да ми е наведната пред никого. Сакам соништа, можности, напредок. Сакам општество во кое жените успеваат без благослов на некој маж! Сакам општество кое ќе ги даде современите Флоренс Најтингел, Марија Кири, Фрида Кало, Маргарет Тачер…

Авторката е доктор на науки од областа на социјалната работа

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни