Зоолошката градина од утринава е затворена, а евакуирани биле и вработените, дознава Мета.мк од извори во ЗОО Скопје кои инсистираат на анонимност.
Неофицијално, станува збор за опасен вирус кај гуските кој може да се прошири и кај луѓето.
Во последниве денови угинале десетина гуски, а сега се усмртуваат и останатите.В.д. директорот на ЗОО Скопје Зоран Попов не одговори на нашите повици, а директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов кратко ни изјави дека од рано изутрина е во Зоолошката градина и дека ќе се вршат сите можни испитувања за да се види точно за што станува збор.
„Во моментов не можам да дадам никакви конкретни информации додека немаме резултати од испитувањата“, ни изјави Миланов.
Зоолошката градина во Скопје, каде градоначалничката Данела Арсовска во нејзиниот досегашен мандат смени четворица директори, постојано е на сериозни критики во јавноста поради големиот број угинати животни и нетранспарентност во работењето во последниве години.