Извршниот директор на Anthropic, Дарио Амодеи, предвиде дека до следната година вештачката интелигенција ќе ги извршува сите задачи поврзани со програмирање — но егзистенцијалната криза веќе ги погодува некои софтверски инженери.
Еден човек кој ја изгубил работата минатата година, морал да се пресели во приколка, да доставува преку DoorDash и да ги продава своите домашни предмети на eBay за да сврзе крај со крај, откако неговата некогашна плата од 150.000 долари веќе ја нема.
Отпуштањата во технолошкиот сектор не се ништо ново за Шон К.
Овој софтверски инженер првпат изгубил работа по финансиската криза во 2008 година, а потоа уште еднаш за време на пандемијата, но во двата случаи успеал да се врати на нозе само по неколку месеци.
Сепак, кога Шон добил отказ во април минатата година, брзо сфатил дека овој пат е поинаку: револуцијата на вештачката интелигенција во технолошката индустрија се случувала пред неговите очи.
Иако има две децении искуство и диплома по компјутерски науки, бил повикан на помалку од 10 интервјуа од вкупно 800те апликации за работа што ги испратил. Уште полошо, некои од тие неколку интервјуа биле со агенти со вештачка интелигенција наместо со луѓе.
„Се чувствувам супер невидливо“, вели Шон за Fortune. „Се чувствувам како да не постојам. Како да сум одбиен пред воопшто некој човек да погледне.“
И додека стравувањата дека ВИ ќе замени работни места постојат со години, 42-годишниот верува дека неговото искуство е само почеток на една „општествена и економска катастрофа што доаѓа како бран“.
„Големото Раселување веќе е во тек,“ напиша неодамна на својот Substack.
Преживување со DoorDash — тој вели дека оваа судбина ги чека „речиси сите“
Последното работно место на Шон било во компанија што се фокусирала на метаверзумот — област што требаше да биде следната голема работа, но беше засенета од подемот на ChatGPT.
Сега, живеејќи во мала приколка во централен Њујорк без никакви перспективи за нова технолошка работа, Шон морал да прибегне кон креативни начини за да преживее и да се обиде да заработи дел од својата поранешна плата од 150.000 долари.
Во меѓувреме, додека постојано бара нови работни места, проверувајќи го своето празно електронско сандаче и истражувајќи ги најновите вести за ВИ, доставува нарачки преку DoorDash — како, на пример, од Buffalo Wild Wings до локален Holiday Inn — и продава случајни домашни предмети на eBay, како стар лаптоп. Сето тоа заедно сега му носи само неколку стотици долари.
Размислувал и да се врати на училиште за да добие некаков технолошки сертификат — или дури да добие возачка дозвола за камион — но и двете опции ги отфрлил поради високите трошоци.