Младите тонат во анксиозност и осаменост

Сѐ повеќе млади живеат меѓу желбата за блискост и стравот од социјален контакт, додека осаменоста, анксиозноста и недостапната поддршка стануваат дел од секојдневието.

Меѓу 17 и 21 отсто од младите на возраст од 13 до 29 години чувствуваат осаменост, покажуваат податоци на Светската здравствена организација. Во САД, 36 отсто од младите возрасни пријавиле анксиозност, а 34 отсто осаменост, додека глобално истражување на Deloitte покажува дека 40 отсто од Gen Z се чувствуваат под стрес или се анксиозни поголемиот дел од времето.

Во Македонија нема многу јавно достапни истражувања што директно ја мерат социјалната анксиозност како посебна појава, но достапните податоци јасно покажуваат дека младите се соочуваат со сериозен психолошки товар. Извештај на УНИЦЕФ за менталното здравје на адолесцентите во Македонија покажува дека 29,2 отсто од адолесцентите имале депресија, 23,7 отсто анксиозност, а 42,1 отсто умерени до тешки симптоми на анксиозност.

Дополнителна тревога носат и податоците поддржани од UNFPA и HBSC, според кои 57 отсто од 15-годишните девојчиња во земјава пријавиле често чувство на непријатност речиси секој ден во последните шест месеци, а шест од десет имале повеќекратни психосоматски тегоби неделно, како главоболки, болки во стомак, раздразливост, проблеми со спиење и концентрација.

Овие бројки не значат дека секој млад човек има клиничка социјална анксиозност, но јасно покажуваат поширок психолошки амбиент во кој поврзувањето со другите станува сѐ потешко, а несигурноста сѐ почесто станува дел од секојдневието. Тие зборуваат за растечка емоционална преоптовареност и ранливост кај младите, особено кај девојчињата.

Стравот од контакт станува секојдневие

Токму во тој простор меѓу желбата за блискост и стравот од социјален контакт, социјалната анксиозност кај младите станува тема што не може повеќе да се сведе само на срамежливост или „карактер“. Таа често се појавува како постојано преиспитување на сопственото однесување, страв од тоа како некој ќе нѐ доживее, избегнување разговори, непријатност при нови средби, повлекување од групи и силна потреба комуникацијата да остане зад екранот, каде што делува побезбедно и поконтролирано. Кога ова трае подолго, не станува збор само за моментална несигурност, туку за модел што почнува да влијае врз самодовербата, односите и чувството на припадност.

Зошто младите се повлекуваат

Психолошки гледано, причините се повеќеслојни. Дел се лични: чувствителност на одбивање, ниска самодоверба, претходни непријатни искуства и страв од проценка, поради што секоја социјална ситуација се доживува како тест. Друг дел се општествени: економска несигурност, постојан притисок за успех, исцрпеност од споредување и медиумска средина што ги засилува чувствата на недоволност и закана. Harvard наведува дека повеќе од половина од младите возрасни чувствуваат негативно влијание од финансиски грижи и притисок за постигнување, а Stanford укажува дека падот на благосостојбата кај младите се совпаѓа со раст на економската несигурност и медиумската негативност.

Еден од клучните механизми е избегнувањето. Кога млад човек почнува да избегнува разговор, јавен настап или нови контакти, на краток рок чувствува олеснување. Но на долг рок токму тоа ја зајакнува анксиозноста, затоа што секое повлекување му потврдува на мозокот дека контактот е опасен, а дистанцата безбедна. Така се создава круг во кој младите сѐ повеќе копнеат по блискост, а сѐ помалку се чувствуваат способни за неа.

Блискоста е важна, но сѐ потешко достижна

Оваа противречност е особено важна. Истражувањето Voices of Gen Z 2024 покажува дека 77 отсто од Gen Z велат дека блиските односи со пријателите и семејството се најважни за „добар живот“, но само 51 отсто веруваат дека навистина напредуваат во животот, а само 21 отсто ја оценуваат својата ментална состојба како одлична. Тоа значи дека проблемот не е во тоа што младите не сакаат блискост. Напротив, тие ја препознаваат како една од најважните вредности. Проблемот е што сѐ потешко ја одржуваат во услови на стрес, несигурност, преоптовареност и страв од ранливост.

Последиците не се само емоционални

Последиците од ова не се мали. Социјалната анксиозност не се исцрпува само во тоа некој да биде „помалку дружељубив“. Таа може да влијае врз учењето, работата, пријателствата, романтичните односи и чувството на самовреднување. Може да се претвори во постојана самоцензура, чувство дека секој збор мора внимателно да се пресмета, дека секоја средба е потенцијален ризик, а секое молчење доказ за неуспех.

Кога помошта не е лесно достапна

Кога на ова ќе се додаде и прашањето колку помошта навистина им е достапна на младите, сликата станува уште потешка. Во анализа на Трн го отворивме и овој проблем: психолошка сесија во Македонија најчесто чини меѓу 1.500 и 3.500 денари, додека поддршката во јавниот систем е поевтина и се остварува преку матичен лекар и „Мој Термин“, но системот е оптоварен, недоволно јасен и не секогаш лесно достапен. Тоа значи дека прашањето не е само дали младите препознаваат дека им треба помош, туку и дали можат навреме да стигнат до неа, без финансиски и институционални пречки.

Повеќе поддршка, помалку стигма

Тука се крие и една од најважните промени кај новите генерации, но од психолошки аспект. Младоста традиционално се врзува со излегување, експериментирање, пробување, грешење, ширење на кругот и учење преку односи. Кога, пак, расте генерација што високо ја вреднува блискоста, а истовремено живее со засилен страв од контакт, тогаш се менува и начинот на кој се гради идентитетот. Наместо спонтаност, доаѓа претпазливост. Наместо доверба, претходи самозаштита. Наместо полесно влегување во однос, се појавува навика за дистанца. Социјалната анксиозност така не останува само личен товар, туку станува генерациски белег на време во кое поврзаноста е најпосакувана токму кога е најтешко достижна.

Затоа ова не е тема што треба да се сведува на етикети или на лесни генерациски клишеа. Не станува збор за тоа дека младите „не знаат да комуницираат“, туку дека живеат во психолошки и социјален контекст што ја прави блискоста покревка, а ранливоста потешка за поднесување. Кога осаменоста, анксиозноста и стресот стануваат масовно искуство, тогаш решението не може да биде само во индивидуалниот совет некој „да се опушти“. Потребни се повеќе достапни услуги, помалку стигма, појасен пат до стручна поддршка и средина што нема да ги третира младите како генерација што претерано чувствува, туку како генерација што веќе предолго се обидува сама да се справува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни