„СОБРАНИ РАСКАЗИ“ од Франц Кафка првпат на македонски јазик

Намерата да се соединат „собраните раскази“ на Франц Кафка во една книга во Германија се појавила пред педесетина години, но во Македонија тоа се случува првпат по повод одбележувањето на сто години од неговата смрт и како дел од проектот „25 години Антолог е класика“. Расказите, од кои некои се во форма на басни, алегории или параболи, заземаат централно место во творештвото на Кафка. Во текот на својот живот објавил само дел од нив. Повеќето од нив се објавени постхумно и против неговата волја. Книгата е поделена во три дела: раскази што Кафка ги објавил во своите книги во текот на животот, раскази кои не ги вклучил во книгите, но се објавени одделно на различни места, и раскази од неговата оставнина. Меѓу нив се наоѓаат и скици за романи. Делата на Франц Кафка се сметаат за клучни текстови на модерната литература, а оваа книга за првпат на македонски јазик ги пренесува сите сочувани куси прозни творби на еден од најголемите автори на едно место.

Преводот од германски јазик е на Ксенија Чочкова и на Душанка Каевска, а книгата е објавена со поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и Фондот за книжевни проекти од Централна и Источна Европа, Амстердам. Освен изданието, годинава под мотото „Метаморфозис“ или „Преобразба“ се одржа и Фестивалот BookStar, во чиј склоп беше организирана панел-дискусијата „Читајќи го и преведувајќи го Кафка“ со учество на универзитетските професориЗорица Николовска, Венко Андоновски, Соња Стојменска-Елзесер, Бенјамин Лангер (Германија), Јасминка Делова-Силјанова, преведувачот Бобан Здравковски Андреевски а модерирана од Жарко Кујунџиски.

Со објавувањето на овој наслов симболично се заокружи годината која „Антолог“ ја посвети на класичните дела а во чиј склоп беа објавени голем број наслови од врвот на македонската, регионалната, европската и на светската литература:

„Мостот на Дрина – Иво Андриќ

„Шинела и други раскази“ – Николај В. Гогољ

„Автопортрет со седум прсти“ – Ацо Шопов

„Злосторство и казна“ – Фјодор М. Достоевски

„Скарлетна студија“ – Артур Конан Дојл

„Избрани раскази“ – Антон П. Чехов

„Магла и месечевина“ – Меша Селимовиќ

„Травничка хроника“ – Иво Андриќ

„Пријател на сенките“ – Александар Ристовиќ

„Знакот на четворицата“ – Артур Конан Дојл

„Неточка Незванова“ – Фјодор М. Достоевски

„Госпоѓицата“ – Иво Андриќ

„Жените што трчаат со волците“ – Клариса Пинкола Естес

„Смртта на Иван Илич; Кројцерова соната; Отец Сергиј“ – Лав. Н. Толстој

„Собрани раскази“ – Франц Кафка

Сите книги беа преведени од изворниот јазик од страна на реномирани преведувачи, а за најголем дел беа направени нови преводи. На книгите беше истакнато и името на преведувачот, а кориците се авторство на Марко Трпески. Во 2024 беше воспоставена и директна соработка со „Здружението Иво Андриќ“ од Србија, кое е основано според последната желба на авторот целата негова оставина „да се сочува како целост“ и како легат за општествени и хуманитарни потреби, како и со наследниците на Меша Селимовиќ што е прв таков гест од македонски издавач. Исто така беше организирана промоција на „Автопортрет со седум прсти“ од Ацо Шопов која осумдесет години по објавувањето на првата книга на македонски јазик во слободна Македонија, „Песни“ од Ацо Шопов (1944 г.), ги помести голем дел од неговите прозни записи на речиси шестотини страници. Книгата ја претставија проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Никола Ристановски, првенец на МНТ  и Јасмина Шопова, ќерка и проследувач на делото на Ацо Шопов.

За авторот: Франц Кафка (1883 – 1924) е еден од најзначајните и највлијателните писатели на XX век. Роден е во Прага. Пишувал на германски јазик. Докторирал право и работел во осигурителна компанија. Во текот на животот објавил само неколку раскази. Книжевната слава ја стекнал постхумно, за што своја улога има неговиот пријател Макс Брод. Книжевната оставнина содржи раскази, романи, дневници, афоризми и писма. Неговото творештво тешко се класифицира бидејќи содржи огромен број филозофски и религиозни референции, измешани со алегорија и црн хумор. Неговиот оригинален стил е наречен „кафкијански“.

За преведувачкитеКсенија Чочкова (родена 1979 година) дипломирала на катедрата за Германски јазик и книжевност на Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Денес живее и работи како книжевен преведувач и менаџер во културата во Баден-Баден, Германија. Со литературен превод се занимава од 2004 година и досега има објавено повеќе од триесет преводи на автори од германското говорно подрачје: Зигфрид Ленц, Бернхард Шлинк, Јулија Франк, Елфриде Јелинек, Бертолт Брехт, Кристоф Хајн, Штефан Цвајг, Елијас Канети, Роберт Валзер, Роберт Музил и други. За своите преводи е наградена со повеќе стипендии како „Средба на преведувачи“ организирана од Литературниот колоквиум Берлин, „Преведувачка резиденција“ на Институтот Гете и Фондацијата Алфред Тепфер во Гут Зиген.

Душанка Каевска (родена 1978 година) дипломирала на катедрата за Германски јазик и книжевност на Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Постдипломските студии по германска и англиска литература ги заврши во Ахен, Германија, каде што и денес живее и работи.

Со литературен превод се занимава од 2011. Помеѓу омилените преводи ѝ се дела од авторите како Франц Кафка, Хајнрих Бел, Волфганг Херндорф, Херман Брох. За преводот на „Триесеттата година“ од Ингеборг Бахман наградена е со наградата „Златно перо“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни