Трн: Како би ја опишала разликата во стилот и темите помеѓу „Денот на црвот” и „Леска Брезоска”?
Симона: Ако нешто ги разликува писателите едни од други, тоа е, пред сè, стилот, а стилот е жива материја, постојано се менува, еволуира, експериментира. Во „Леска Брезоска“ тие стилски промени дојдоа природно, неколкупати и самата бев изненадена, ама во тоа е убавината на пишувањето. Што се однесува до темите, мене, како автор, ме интересираат секојдневните теми блиски до луѓето, така е и во новиот роман, со таа разлика што овојпат во фокусот е животот на лик од нашето поднебје и нејзините лични предизвици во општеството.
Трн: Што те инспирираше да ја напишеш „Леска Брезоска” и каков е процесот на создавање на овој роман?
Симона: Размислувањата за „Леска Брезоска“ дојдоа многу ненадејно, почнав да размислувам како би изгледало да создадам и очовечам лик со свој карактер, свои маани и доблести, и се покажа дека таа помисла ме предизвика, па едно пролетно претпладне седнав и се фатив за работа. Целиот роман го напишав во еден здив, а потоа одново го читав, коригирав, допишував, бришев и полирав. Секое ново читање наоѓав пропусти или делови кои требаше одново да се напишат, а морав и да избришам неколку поглавја. Сè на сè, уживав и многу се забавував додека го пишував овој роман.
Трн: За „Денот на црвот” имаш изјавено дека пишувањето ти помогнало да се справиш со тежок период. Дали и во „Леска Брезоска” се одразуваат слични лични искуства?
Симона: Животот не функцинора надвор од „тежок период“ зашто во секое време може да испадне нешто што ќе претставува некаква тежина или предизвик. Животот, сам по себе, е предизвик, а авторот никогаш не пишува во стерилна средина, туку во секојдневна интеаркција со живеачката, па така неминовно делата се „контаминирани“ од животот. За среќа овојпат немавме пандемија и таа грижа не ме мачеше повеќе.
Трн: Како хуморот и иронијата, кои се присутни во твоите дела, влијаат на начинот на кој читателите ги перцепираат темите?
Симона: Би кажала како јас гледам на хуморот во романите, а за тоа кој како перципира, сепак е индивидуално искуство кај секого. Бидејќи хуморот е дел од мојот личен идентитет, и бидејќи сметам дека премногу сме пренатрупани со лоши вести од секаде, водам сметка да го вклопам во романите, би било неприродно да не е така. Хуморот е механизам за справување и доколку е соодветен, може да биде многу ефикасен. Како таков додава вредност и тежина на делото, а дополнително самата јас повеќе се забавувам во процесот на пишување.
Трн: Каква улога игра женскиот карактер во твоите романи, особено во контекст на феминистичките теми?
Симона: Ликот што стои зад прекарот „Леска Брезоска“ е женски и во овој роман нејзината женственот, во контекст на средината и домашниот менталитет, ми беше многу важна. На реален и ненаметлив начин сакав да ги доловам предизвиците, сопките и препреките со коишто секојдневно се соочуваат нашите жени, а верувам и повеќето жени насекаде. Голем дел од тие предизвици никој не ги сфаќа како предизвици, тие се толку навлезени и нормализирани во нашето општество што никој не ни зборува за нив, а не па нешто да преземе.
Трн: Што значи за тебе псевдонимот Леска Брезоска? Како тој се поврзува со твојата лична и литературна идентификација?
Симона: Леска Брезоска е прекар што сосема случајно произлезе во еден момент додека истражував за дрвото леска коешто има своја функција во приказната. Не знаев дека леската припаѓала на семејството брези и кога дознав, од нигде и ниаде ми се појави Леска Брезоска, па ми се виде симпатично и одлучив така да се вика книгата. За мене лично нема подлабоко значење, водев сметка како автор, колку што можам, да се дистанцирам од ликот, а тоа беше уште еден предизвик за мене, со оглед на тоа што девојката е родена и порасната во Гостивар.
Трн: Дали сметаш дека искуството и животниот багаж на авторите влијаат на нивната способност да пишуваат? Како твоето искуство влијае на твоето пишување?
Симона: Не мислам дека искуството влијае на нивната способност да пишуваат, зашто секој е способен да пишува, ама за да напишеш добра приказна, треба да имаш „нешто друго“, и тука може да игра улгога искуството, секако. Што поголемо животно искуство, тоа поголема ризница на приказни, ама луѓето се надарени со фантазија, а во фантазијата нема граници, па претпоставувам дека оние со помал животен багаж, при создавањето на приказната, повеќе ќе се потпрат на својата фантазија. Моите книги произлегуваат од она што досега сум го доживеала лично, но и сум го посведочила, во комбинација со фантазија.
Трн: Кои автори или личности те инспирираат во твоето пишување, и со кого се консултираш за време на процесот?
Симона: Ме инспирират многу работи, книги, музика, филмови, водам сметка да не се ограничувам, да следам што се случува во светот и наоколу, да имам живот надвор од книгите и надвор од домашните обврски. Ме инспирират секакви личности, не само успешните, разговарам со секого и на сите им пристапувам со респект, верувам дека од секого може да не научи по нешто. Се консултирам со Ненад Стевовиќ, мојот издавач, и со најтесен круг блиску луѓе во чијшто суд и добри намери верувам.
Трн: Како гледаш на влијанието на вештачката интелигенција врз авторството и литературниот процес? Дали сметаш дека таа може да биде корисна или штетна за креативноста?
Симона: Отворена сум за новото во сè, а тоа подразбира и за влијанието на AI врз пишувањето. Ако добро и паметно ја користиме таа алатка, може само да ни помогне и сметам дека е корисна за креативноста зашто дава поинаква перспектива којашто, пак, може да поттикне поинакви решенија за конкретен проблем.
Трн: Што е најважно за тебе при создавањето нови приказни: оригиналноста или способноста да се поврзеш со читателите?
Симона: Најважно ми е да ја раскажам приказната најдорбо што знам и да ми се допадне мене пред сè. Сметам дека еден автор никако не може да влијае на поврзувањето со читателите зашто станува збор за различни луѓе со различни интереси и животна позадина. Нема еден рецепт по којшто се пишува роман, а би им се допаднал на сите, такво нешто не постои и е вон контрола на писателот, па не размислувам на тоа додека пишувам. Оригиналноста е нешто што многу ми значи и ја ценам, па водам сметка да не се повторувам и секогаш да создавам нешто понакво.
Трн: Како гледаш на важноста на литературната критика во развојот на македонската литература и дали има воопшто литературна критика?
Симона: Сметам дека критиката е неопходна. Проблемот со домашната критика е неколкуслоен, на пример, имате позитивни критики коишто не кажуваат ништо, освен колку е начитан и елоквентен критичарот. Негативни критики скоро и да нема, а тие малку што ги има се малициозни и без конструктивност, па верувам дека негативните критики се даваат „зад затворени врати“. Ако еден автор е доволно свесен за тоа во каков автор сака да прерасне, мора да биде исчистен од его и отворен за конструктивна критика за да оди напред, да се развива и подобрува, како и да одржува контакт со реалноста.
Трн: Какви пораки или теми сакаш да пренесеш преку своите романи, особено во контекст на денешното општество?
Симона: Со „Леска Брезоска“ сакам да пренесам порака за оптимизам. Како што кажав, секојдневно сме бомбардирани со лоши вести и трагедии, а животот и без тоа е комплициран, па сакав да напишам човечна книга во којашто ликовите се дел од нашето секојдневие и дел од нашето време, ги живеат нашите проблеми, се соочуваат со слични предизвици. Ама и покрај тоа, животот не престанува да тече, а ние мораме да бидеме поголеми од тоа, да течеме со него и да веруваме дека може да биде подбро од ова.