Младите од земјите од Западен Балкан се поканети да учествуваат на уникатен фото-натпревар кој ги промовира европските вредности, заедништвото и процесот на европска интеграција преку спортот.
Конкурсот е отворен за сите млади луѓе на возраст од 18 до 29 години од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.
Кој може да аплицира?
Заинтересираните учесници не мора да бидат професионални фотографи – клучот не е техничкото совршенство, туку моќта на пораката што ја носи фотографијата.
Целта на натпреварот е да се раскаже приказната за спортот како симбол на инклузија, заедништво и партнерство, но и пошироко: за истрајност, почит, просперитет, мир, културна соработка и европско единство.
„Покажете ни како ја гледате моќта на спортот во иницирањето позитивни промени во Западен Балкан и во Европа“, велат организаторите.
Фотографиите се испраќаат заедно со кратка приказна зад нив, а на најдобрите ќе им биде доделено патување на спортскиот фестивал во Љубљана, настан кој обединува млади луѓе, спортисти и лидери од цела Европа.
Конкурсот е отворен од 24 април и трае до 24 мај.
Пријавувањето се врши преку официјалната платформа за натпреварување, со едноставна онлајн регистрација.
Оваа покана е упатена до сите млади луѓе кои веруваат во заедничките вредности и силата на тимскиот дух – како во спортот, така и на европскиот пат на регионот.
Пораката е јасна: играме заедно. Заедно победуваме. Заедно ја градиме Европа, велат организаторите.
Повеќе информации за конкурсот можете да најдете на веб-страницата webalkans.eu, каде што можете и директно да аплицирате.