Со почетокот на новата учебна година, Сојузот на извидници на Македонија упатува значајна порака до сите ученици кои се враќаат во училишните клупи. Апелот е насочен кон развивање на емпатија, пријателство и поддршка меѓу учениците, особено кон оние кои се соочуваат со осаменост или се жртви на врсничко насилство.
„Доколку забележите дека некој ученик седи сам, јаде сам, е малтретиран од други или тешко склопува пријателства – тогаш бидете фраери и лидери!“ – гласи повикот од извидниците.
Од Сојузот ги охрабруваат учениците први да пријдат, да се насмевнат, да седнат покрај тие ученици и да ги вклучат во друштвото. Мал гест на љубезност, како што потенцираат, може да направи голема разлика.
„Никогаш не знаете со што некој се соочува – и во училиштето и надвор од него. Вашата љубезност може да му го разубави животот на некого.“
Оваа порака е дел од пошироката заложба на извидничкото движење за изградба на заедница базирана на разбирање, прифаќање и грижа за другите. Сојузот на извидници повикува на солидарност, толеранција и активно пријателство – вредности кои се основа на секое здраво општество.