Снимки од земјотресот во Грција и Турција: Луѓе скокаа низ прозорци, девојче почина од страв, 69 повредени

Според официјалните информации, загина 14-годишната девојка Афранур Ѓинли, која починала во болница по напад на паника предизвикан од земјотресот
EPA PHOTO EPA/STRINGER/cl

Вознемирувачки снимки од силниот земјотрес што ноќеска го погоди островот Родос во Грција и приморскиот град Мармарис во Турција ја преплавија социјалните мрежи. Сцени на паника, врисоци и луѓе кои буквално скокаат низ прозорци за да се спасат – сведочат за размерите на хоророт што го погоди регионот.

Земјотресот, според различни извештаи, бил со јачина од 5,8 степени по Рихтерова скала, и се случил околу 00:30 часот во близина на Родос. Втор потрес бил регистриран во Мармарис во 02:17 часот.

Епицентарот бил во морето, на длабочина од околу 68 километри. Потресот се почувствувал и во делови од Грција, Турција, Египет, Сирија и уште неколку земји во регионот.

Според официјалните информации, загина 14-годишната девојка Афранур Ѓинли, која починала во болница по напад на паника предизвикан од земјотресот. И покрај напорите на лекарите, не успеале да ја спасат. Турскиот министер за внатрешни работи, Али Јерликаја, ја потврди нејзината смрт и соопшти дека се повредени 69 лица, претежно при панично бегство од згради – скокајќи од прозорци или балкони.

Во провинцијата Мугла, каде се наоѓа Мармарис, според првичните проценки нема значајна материјална штета. Министерот за градежништво Мурат Курум изјави дека „нема уништени станбени објекти“, но дека проценката на теренот продолжува.

Додека многу локални жители и туристи биле затечени на спиење, итните служби реагирале брзо. Луѓето панично излегувале од хотели, хостели и домови, некои боси или во долна облека. На Родос, туристите добиле итна порака од туристички агенции, меѓу кои и TUI, со инструкции да останат смирени и да ги следат насоките на локалните власти.

Д-р Џејхун Узчелик, директор на Центарот за географски информациски системи на Универзитетот Мугла, изјави дека „не се очекува значаен цунами“, но предупреди граѓаните да останат подалеку од брегот најмалку еден час по потресот и сериозно да ги сфатат упатствата од надлежните институции.

Во Мармарис, Фетие и Бодрум – популарни туристички дестинации кои минатата година пречекаа 3,7 милиони странски туристи – сега владеат неизвесност и загриженост.

Се очекуваат и последователни потреси, а експертите апелираат сите граѓани и посетители да останат внимателни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни