Дронот што ги снимал панорамските кадри од акцијата за чистење на Скопје не бил пријавен за лет во Агенцијата за цивилно воздухопловство, покажуваат јавно достапните податоци на оваа институција, пишува Призма во денешниот текст ,,Дронот за генералката на Орце Ѓорѓиевски летал вон правила.”
Според прописите, секое летало што се користи на македонското небо мора да биде регистрирано, а секој лет однапред најавен во системот на Агенцијата. Во овој случај, за 6 ноември – денот кога беа објавени видеата и фотографиите од акцијата – воопшто не постои евиденција за таков лет.
Непријавен лет за владин пиар
На почетокот на големата акција за чистење на главниот град, дронот летал над спортскиот центар „Борис Трајковски“ и снимал кадри со комуналните возила и механизација. Снимките подоцна ги објавија премиерот и градоначалникот на своите социјални мрежи.
Според проверките во системот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, ниту тој ден, ниту во следните – кога беа објавени дополнителни кадри со приватните автобуси и чистењето на Вардар – нема најавено ниту еден лет во таа зона.
Еден регистриран оператор на дрон за медиумите изјави дека најавата на лет е задолжителна во секој случај, бидејќи со тоа се „резервира воздушниот простор“ и се избегнуваат ризици од судири или нарушувања на безбедноста.
Двојни стандарди за дронови
Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Драги Стојановски, потврди дека ретроактивна проверка на вакви летови е речиси невозможна, бидејќи институцијата нема техничка можност да следи или снима траги од летовите.
Сепак, случајот отвора прашање за двојни аршини. Во март годинава, новинари на Ројтерс и ТВ21 беа повикани во полиција поради снимање со дрон за време на протестот по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Скопје. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски тогаш изјави дека „секое летање на дрон мора да биде пријавено, без исклучоци“.
Иако Законот за воздухопловство предвидува глоби за секој лет без дозвола, засега институциите не најавуваат никаква постапка во врска со владините снимки.
Извор до текстот: Prizma.mk
