Снегот создава хаос во Хрватска! Испратен апел до возачите: Речиси и да нема безбеден пат

Снег, мраз и силен ветер го отежнуваат сообраќајот низ Хрватска. ХАК апелира на внимателно возење и задолжителна зимска опрема.

Колозите во Хрватска се мокри и лизгави во поголем дел од земјата. Снег повремено паѓа во Лика, Горски Котар, централна Хрватска и Славонија. Поради ниските температури можна е појава на голомразица.

Поради силен ветер во крајбрежјето, на сила се ограничувања за одредени категории возила на Јадранската магистрала (DC8). Патиштата во Лика и Славонија, како и автопатите, се покриени со снег.

„Ги повикуваме возачите брзината и начинот на возење да ги приспособат на условите на патот, да внимаваат на безбедното растојание меѓу возилата и да не тргнуваат на пат без зимска опрема“, соопшти Хрватскиот авто-клуб (HAK).

Поради зимските услови, на сила е забрана за сообраќај за камиони со приколки и шлепери со полуприколки, како и за возила без зимска опрема на одредени патишта во Лика.

Какво време се очекува во наредните денови?

Денес во Хрватска се очекува претежно облачно време со чести врнежи. Во внатрешноста, во многу краишта ќе паѓа дожд со снег и снег, при што на некои места може да се формира снежна покривка. Најголема веројатност за задржување на снег има во Горска Хрватска и во делови од источна Хрватска, каде што врнежите би можеле да бидат поинтензивни и подолготрајни, наведува Државниот хидрометеоролошки завод (DHMZ).

На Јадранот ќе преовладува дожд, на места и пообилен, а во Далмација се очекуваат силни поројни врнежи проследени со грмежи. Најмалку врнежи се очекуваат на северниот Јадран и северозападот на земјата, каде повремено може да има и кратки периоди на затишје.

Ветерот во внатрешноста ќе биде слаб до умерен северен и североисточен, што дополнително ќе го зголемува чувството на студ. На северниот и дел од средниот Јадран ќе дува умерена до силна бура, а под Велебит можни се и олујни удари, па потребен е дополнителен опрез, особено на патиштата изложени на страничен ветер. На крајниот југ ќе преовладува силен јужен и југозападен ветер, кој заедно со нестабилното време локално ќе ги засилува врнежите.

Што се однесува до температурите, во внатрешноста ќе биде студено, главно меѓу -2 и 2 °C, па снегот и дождот со снег ќе се задржуваат, а локално се можни и лизгави коловози. На северниот и дел од средниот Јадран температурите ќе се движат меѓу 5 и 10 степени, додека во остатокот од крајбрежјето и на југ ќе биде значително потопло – најчесто од 11 до 15 степени Целзиусови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни