Феминизмот низ историјата и борбата за родова еднаквост која сè уште трае

Смели, храбри и инспиративни: Жените кои го менуваа светот

Низ историјата, жените кои се бореле за родова еднаквост, правата на жените и социјалните промени, оставиле длабок и траен печат во сите сфери на животот. Тие не само што го менувале општеството, туку и создале нови можности за идните генерации. Од познатите борци за правото на глас, до оние кои се борат за правото на еднакви можности и правата на телото и репродуктивното здравје, овие феминистки ја промениле историјата. Тие продолжуваат да бидат извор на инспирација за сите кои се залагаат за еднаквост.

Меѓународниот ден на жената, 8 Март е повеќе од празник за цвеќе, подароци и славење на женственоста. Тој е потсетување на историјата на феминистичката борба која е далеку од завршена сè додека фемицидот, семејното и родово насилство се и понатаму дел од нашето секојдневие. Сè додека платите на мажите се повисоки од платите на жените, додека во парламентарните и во владите состави соодносот на мажите и жените е во корист на мажите, а местото на жената се подразбира дека е во кујната, родовата еднаквост е само апстрактен поим кон кој се стремиме и за кој се бориме. Осми март, кога ги славиме приодбивките од стекнатите права, треба да биде и ден кога се потсетуваме дека борбата за родова еднаквост не е завршена.

Историски, феминизмот e движење кое започнало како одговор на патријархалните структури кои ја потиснувале женската слобода и правото на самостојност. Жените не биле само лишени од правото на глас, туку и од основни права за образование, работа и сопственост. Првиот бран на феминизмот, во 19-тиот век, донел право на глас за жените, додека вториот бран, кој започнува во 1960-те години, носи нови победи во делот на образованието, работата и репродуктивни права.

Mакедонија, два века подоцна

Денес, според податоците од пописот на населението од 2021 година, земјава има вкупно 1.836.713 жители, од женски пол се 50.4% од населението во државата, а машкиот пол 49.6%. Нумеричката еднаквост не ја рефлектира еднаквоста во политичката застапеност на жените во структурите на власта.

Денес, бројот на жени на лидерски позиции е сѐ уште многу низок, што ја покажува длабоката и непопустлива родова нееднаквост. Жените сѐ уште не се во доволна мера застапени во политиката, бизнисот, медиумите и многу други сфери кои го дефинираат нашето општество. Мажите сѐ уште ги донесуваат најважните одлуки во земјава, кога е во прашање извршната власт на национално и на локално ниво.

Во Северна Македонија, позициите на кои се носат одлуку се и понатаму резервирани генерално за мажи и во земјава постои значителен родов јаз, покажува и последниот извештај на UN Woman Скопје. Од владиниот состав избран во јануари 2022 година со 21 член, само четири се жени и тоа една заменичка-министерка и три министерки. Застапеноста на жените во Владата, како претседател, заменик-претседател и министер, изнесува 19 проценти, што е значително пониско од процентот во Европската Унија каде жените учествуваат со 34 проценти. Состојбата, според извештајот е уште позагрижувачка на локално ниво, со само две жени избрани за градоначалнички од вкупниот број од 81 градоначалник (2,5 проценти) на последните избори.

Според достапните податоци за споредба и последниот официјален родов индекс од 64.5 поени во 2022 година на нашата земја ќе и требаат 57 години да достигне целосна родова еднаквост.

Истражувањето кое го објави Хера покажува дека одвај 28.5 проценти од имотот е во сопственост на жени. Во руралните средини овој процент е разочарувачки 4.1. Жените денес и понатаму вршат 72.5 отсто од домашната работа. Тие се претставуваат вкупно 66,4 проценти од неплатените семејни работници, а во руралните средини оваа бројка е уште поголема. Во македонското општество постои целосна стереотипизација и класична поделба на „машки“ и „женски“ професии работни места, со 74 проценти застапеност на жените во уметноста и хуманистичките науки, 76  проценти во здравствената заштита и 91 процент во образованието.

Она што е можеби најалармантно е податокот дека во 2022 година, од вкупно 1.117 кривични дела поврзани со семејно насилство, мажите се сторители во 92 проценти од случаите, а жените се жртви во 79 проценти од случаите. Според истражувањето на „Мета“ објавено во серијата натписи посветени на семејното насилство, од јануари 2020 до март годинава имало вкупно 4.484 пријави за семејно насилство, а сторителите во 91 проценти од случаите биле мажи. Жртви на семејно насилство биле 79 проценти жени. Вкупно 22 убиства се случиле во последниве четири години како резултат на семејно насилство, 12 убиства во обид, а најчести жртви, според податоците биле се сопруги или мајки.

Европа и светот се борат со родовата еднаквост

Во Европа, 15 земји никогаш немале премиерка или претседателка на државата. Што се однесува до уделот на жените во парламентите низ Европа, жените сè уште се недоволно застапени. Освен во Андора, каде што процентот е 50/50, Скандинавија е регионот со најголем удел на жени пратенички. Финска беше првата земја која избрала жени пратенички во 1907 година. Исландската Вигдис Финбогадотир, која во 1980 година стана првата жена избрана за претседателка, е симбол на правата на жените.

Вкупно 51,100 жени и девојки биле убиени во 2023 година од нивните интимни партнери или членовите на семејството, покажуваат податоците на UN Woman. Многу од нив претходно пријавиле насилство и нивните убиства можеле да се спречат. Во некои европски земји, како што се Италија и Шпанија, фемицидот исто така претставува голем проблем. Во Италија, бројот на жени убиени од страна на нивните партнери или сопрузи е голем, и покрај напорите за поголема превенција и заштита.

Фемицид се случува насекаде низ светот. Латинска Америка и Карибите имаат највисоките стапки на омраза и убиства на девојки и жени. Дури и Австралија, една од најбогатите земји во светот, не е имуна на фемицид и насилство врз жените. Во оваа земја во просек секоја недела се убиваат две жени. Досега оваа година 56 жени и 10 деца се убиени од нивните сопрузи или партнери.

Од враќањето на Талибанците во Авганистан и воспоставувањето на теророт на родовиот апартхејд, земјата беше сведок на ужасно зголемување на фемицидите, со повеќе од 300 пријавени случаи на жени убиени од мажи. Рестриктивните политики на Талибанците и општествените ставови кон жените ја влошија оваа криза, бидејќи правата и заштитата на жените се драстично намалени.

Феминимот денес е борба за правото на сите жени да живеат без страв, со сите можности и да можат да напредуваат, да доднесуваат одлуки, да бидат платени исто како мажите. Да бидат ослободени од општествените и од традициналните стеги. Да го имаат правото да бидат свои.

Низ историјата, жените кои се бореле за родова еднаквост, правата на жените и социјалните промени, оставиле длабок и траен печат во сите сфери на животот. Тие не само што го менувале општеството, туку и создале нови можности за идните генерации. Од познатите борци за правото на глас, до оние кои се борат за правото на еднакви можности и правата на телото и репродуктивното здравје, овие феминистки ја промениле историјата. Тие продолжуваат да бидат извор на инспирација за сите кои се залагаат за еднаквост. Ова се некои од нив

Мери Волстонкрафт (1759–1797)


Една од првите и највлијателни феминистки во историјата, Мери Волстонкрафт била британска философка и авторка на книгата A Vindication of the Rights of Woman (1792). Во ова дело, таа изразува дека жените треба да имаат еднакви образовни можности како мажите. Низ своите дела, Волстонкрафт ги постави основите за модерниот феминизам и правата на жените.

Сузан Б. Антани (1820–1906)

Сузан Б. Антани била американска активистка и лидерка во движењето за правото на глас за жените. Таа се борела за жените да имаат право да гласаат и да учествуваат во политичкиот живот. Антани беше дел од движењето што на крајот доведе до 19-от амандман во 1920 година кој го гарантираше правото на глас на жените во САД.

Симон дe Бовоар (1908–1986)

Француската философка и писателка Симон дe Бовоар е најпозната по своето дело The Second Sex (1949), каде што се истражува концептот на женската потчинетост и родовата нееднаквост. Ова дело стана еден од столбовите на феминистичката теорија и ја поставува жената како субјект на својата историја, ослободувајќи ја од социјалните стереотипи и улоги кои ја дефинирале.

Роза Паркс (1913–2005)

Роза Паркс беше американска активистка за граѓански права која стана симбол на отпорот против расизмот и нееднаквоста. Во 1955 година, нејзиното одбивање да се пресели од своето седиште во автобусот, со што предизвика бојкот на автобусите во Монтгомери, беше важен момент во американскиот граѓански правен движење. Нејзиното дејствување беше и инспирација за женската борба против опресијата.

Глорија Стајнем


Глорија Стајнем е американска новинарка и активистка која играла клучна улога во вториот бран на феминизмот во 1960-ите и 1970-ите години. Таа е основач на Ms. Magazine, првиот феминистички магазин во САД, и неуморно работела на промоција на женските права и равноправноста. Таа е позната по својата поддршка на правата на жените за абортус и еднакви можности во сите сфери.

Малала Јусафзаи

Малала Јусафзаи е пакистанска активистка за образованието на девојчињата и најмладата добитничка на Нобеловата награда за мир. По нападот на Талибанците во 2012 година, Малала стана глобален симбол за борба за правото на образование за девојчињата. Нејзината работа продолжува да инспирира милиони луѓе низ светот да се борат за правото на учење и еднакви можности.

Анџела Дејвис

Анџела Дејвис е афроамериканска активистка, професорка и феминистка која станала симбол за борбата против расизмот и опресијата. Како член на Black Panther Party и учесничка во движењето за правата на црнците, Дејвис се борела и за правата на жените, особено жените од расни малцинства, како дел од нејзиното залагање за социјална правда.

Елеонора Рузвелт (САД)


Како Прва дама на САД и активистка, Елеонора Рузвелт беше еден од најголемите застапници за човековите права, вклучувајќи ги правата на жените. Таа беше претседавач на Комисијата за човекови права на ОН и активно се бореше за правата на жените во глобален контекст, помогнувајќи во усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права.

Маргарет Тачер (Велика Британија)


Првата жена премиер на Велика Британија, Маргарет Тачер, остави голем печат на светот, иако не беше позната по феминистички ставови, нејзината позиција на власт беше историски важна. Нејзината борба за економска и политичка моќ отвори пат за жените во политиката и на високи позиции.

Индира Ганди (Индија)

Како прва жена премиер на Индија, Индира Ганди го водеше својот народ во бурни времиња. Нејзиното владеење ја поттикна промената на женските права, вклучувајќи ги и правата за образование и социјална правда за жените.

Македонките кои го менуваа општеството

Жените на територија на Југославија, меѓу кои и Македонија, стекнале право на глас во социјалистичката држава по Втората светска војна. Претходно жените правно беа изедначени со малолетниците и лицата во казнено-поправните установи и специјалните здравствени заводи, кои немаа право на глас. На 11 август 1945 година, со резолуција на АВНОЈ, жените во Југославија се стекнале и формално-политички со правото на глас. Тоа право по првпат било искористено по Втората светска војна, на изборите за Уставотворно собрание во ноември 1945 година. На тие избори гласале сите мажи и жени во државата, со наполнети 18 години.

Извор „Македонка“

Меѓународниот ден на жените прв пат бил одбележан во 1945 година на 8 мартовскиот митинг во Скопје закажан во 14 часот. Паролите биле „Да живее 8 Март, борбениот празник на сите жени,“ „Да живеат првите слободни, тајни избори во Македонија,“ „Да живее братството и единството на југословенските народи“…

„Македонка“ – првото женско списание

Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) – движењето на жените за време на Втората светска војна во Македонија и е претходник на денешни феминистички организации. На конститутивната седница биле избрани: Главен одбор на АФЖ, Извршен одбор и Пленум. Орган на АФЖ станало и списанието „Македонка“, кое било објавено во ноември 1944 година. Со тоа овој весник стана првото женско списание на македонски јазик.

„Македонка“ е првото женско списание кое било посветено на проблемите на жените во Македонија и нивна еманципација. Прва уредничка на оваа списание била Веселинка Малинска, како и Вера Николова, Благојка Демниева Кузмановска и Лилјана Манева Савелиќ.

Првата конференција на АФЖ се одржала во 1944 година и биле одредени и главните задачи на Антифашистичкиот фронт на жените.

Веселинка Малинска партизанка и одликуван ветеран на НОБ на Македонија била прва уредничка на првото списанието. На првата конфенреција на Антифашистичкиот фронт на жената (АФЖ) во Македонија, пишува:

„Македонската жена е полноправна граѓанка и она е должна да учествува еднакво во целиот државен живот како мажите. Не е правилно, како што има многу случаи, жената да седи во народноослободителните фронтови само за тоа во одборите да има и една жена, само за да се формално исполни принципот на рамноправието. Македонските жени треба да покажат многу поголема смелост и иницијатива во исполнување на оваа задача, којашто е многу важна за нашиот понатамошен живот, за создавање на еден навистина среќен и арен живот“.

Првите женски невладини организации се формираат во земјава по осамостојувањето. Тога почнува ново женското движење во полето на феминизмот. Овие организации беа насочени кон информирање и едукација на членството за човековите права на жените во различни области на дискриминација и преземање пионерски чекори во јавното застапување за воведување законски решенија, политики и механизми за унапредување на статусот и положбата на жените.

Со појавата на женските невладини организации, се развивала и феминистичката мисла во Македонија како дел од глобалното феминистичко движење. Во 2006 година за првпат е донесен Законот за еднакви можности меѓу мажите и жените што дополнително ја актуелизирал потребата од образовен кадар што ќе се занимава со родовата еднаквост и женските права.

Во 2006 година, Евро-Балкан станал првиот приватен научен институт за општествени науки и истражувања. Во 2007 година беа акредитирани првите додипломски родови студии на Филозофскиот факултет при УКИМ. Феминистичките организации и групи се залагаат за права на жените во сите сфери на животот, вклучувајќи го образованието, здравството, политиката, пазарот на трудот и културата.

Ова се некои од жените кои оставиле печат во македонското културно и општествено живеење

Лахтова Ката (1924-1995)

Првата жена Претседател на Собрание на Република Македонија. Била учесничка во НОБ и по војната извршувала повеќе политички и државни функции. Се залагала за развој на општествено-политичкиот и економскиот живот и за доминантната улога на работничката класа. Лахтова, меѓу другото, била претседателка Конференцијата за општествена активност на жените, членка на Секретаријатот.

Јоноска Мирјана

Мирјана е физичарка и универзитетска професорка.  Дипломирала физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје кадешто потоа магистрирала, докторирала, работела како астистентка, а потоа била избрана за редовен професор. Авторка е на универзитетски, средношколски и учебници за основно образование, голем број практикуми, збирки, и учебни помагала. Има објавено на 122 научни труда.

Оливера Јашар Настева

Првата жена редовна членка на МАНУ.  Дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје, а докторирала на тема „Турските лексички елементи во македонскиот јазик“. По одбраната била избрана за вонреден, а потоа и за редовен професор. Јашар-Настева се залагала за оформување на катедрите за турски и албански јазик и била прв раководител на Катедрата за турски јазик и литература. Во 1979 е избрана за членка на Турската академија на науките и досега е единствен член од Македонија. Авторка е на околу 150 научни трудови.

Милка Ефтимова

Милка Ефтимова е родена на 26 февруари 1936 година во Радовиш. Завршила средно музичко училиште во Штип и потоа се запишала на музичка академија во Љубљана. Завршила и специјализација во Италија, во Санта Чичилија во Рим и на Академијата Киџијана во Сиена. Милка Ефтимова, преку својата кариера, настапувала во над 20 земји и има отпеано повеќе од 1.200 оперски и концертни настапи. Нејзината најпозната улога останува Кармен, улога која ѝ донела светска слава. Во 1991 година, на 30-годишнината од нејзиниот прв настап, се простила од оперската сцена со улогата на Кармен. Тоа и било 157 претстава. Во Љубљана реализирала 17 премиерни улоги. Најзначајните пред сè биле Кармен (премиера во 1968 година која рецензијата ја нарекла победа и слава на Ефтимова), потоа Грофицата во „Пикова дама“ на Петар Илич Чајковски, Кабаниха во Катја Кабанова на Леош Јаначек, Арлента во Крунисувањето на Помпеја на Клаудио Монтеверди. Хата во комедијата Продадена невеста на Берджих Сметана и мајка Јела во мелодрамата Еквинокциј на Марјан Козина. Своевиден примат остварила со Марфа во „Хованшчина“ на Модест Мусоргски.

Атина Бојаџи

Атина Бојаџи е македонска маратонка во пливање. Родена е на 13 март 1944 година во Охрид, а почина во Скопје на 28.12.2010 година. На 11 години го соборила сите македонски рекорди во пливање на кратки патеки во слободен стил, делфин итн. Бојаџи била светски првак во маратонско пливање на слатки води на Охридскиот маратон одржан во 1962 година. Ја испишала историјата кога го препливала исклучително опасниот маратон Саида – Бејрут, од 23 натпреварувачи на целта успеала да стигне само таа и еден пливач од Египет. 1962 година со испливување на патеката Капри – Неапол станала светски првак на солени води. Зенитот на нејзината пливачка кариера е препливувањето на Ламанш на 9 септември 1969 година, за 13 часа и 20 минути. Со овој пливачки подвиг станува првата Македонка, а воедно и првата пливачка од Југославија, која го остварила овој успех. Атина Бојаџи до денес останува најмладиот првак на Охридскиот пливачки маратон на сите времиња. Бојаџи два пати била прва на Охридскиот пливачки маратон.

Оливера Николова

Оливера Николова ја одбележа македонската книжевност во втората половина на 20. и во почетокот на 21. век и се смета за книжевен бард, чии дела сe и ќе бидат сметани и во иднина за врв на македонската класична книжевност. Почнувајќи од нејзините изданија за деца, па до последниот роман, на читателите во Македонија и на Балканот им понуди единствена привилегија да прочитаат работи кои се напишани сега и тука, а чие ехо ќе одѕвонува далеку во иднината. Родена во Скопје во 1936, Николова неретко се опишува како мајка на сите македонски писателки. Има објавено десет романи и три збирки раскази за возрасни, 17 книги за деца и сликовници, како и многубројни театарски, телевизиски и радио-игри.

Радмила Шеќеринска

Радмила Шекеринска Јанковска е родена на 10 јуни 1972 во Скопје. Таа е дипломиран електроинженер, магистер по меѓународни односи. Шекеринска е македонска политичарка, поранешна министерка за одбрана на Република Македонија и премиерка. Во ноември 2024 година Шекеринска е незначена за Заменик-генерален секретар на НАТО, и со тоа прва жена од земјава на висока функција во светската политика.

Тамара Котевска

Тамара Котевска е родена на 9 август 1993 година во Прилеп. Таа е македонска режисерка, најпозната по својот документарен филм „Медена земја“ од 2019 година. Заедно со Љубомир Стефанов, Котевска поминала три години снимајќи го документарниот филм за дивиот женски пчелар Хатиџе. Филмот првично требало да биде краток документарен филм за регионот на реката Брегалница, кога наишле на пчеларката. Медена земја освоил три награди на филмскиот фестивал „Санденс“ во 2019 година и добил две номинации на 92-то издание на Оскар: Најдобар документарен филм и Најдобар странски филм. Тоа е втор македонски филм кој добил номинација за Оскар по „Пред дождот“ (1994).

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни